„Триоги триатлонот“ во Скопје со 215 натпреварувачи


 Триатлон натпреварот Stopanska Triogy Triathlon 2022 ќе се одржи утре во Скопје. Централно место за реализација на натпреварот е  СЦ „Борис Трајковски“, каде ќе биде стартот и целта, а на базенот ќе се реализира пливањето. Возењето велосипед ќе се реализира на булеварот Илинден сè до исклучувањето кон „Скопје Сити мол“ и назад по десната коловозна лента. Делот од трчањето се изведува околу паркинзите на СРЦ „Борис Трајковски“. Поради тоа, тој дел на булеварот „Илинден“ во периодот од 8.30 до 13.30 часот ќе биде затворен за сообраќај.

Организатор на натпреварот е триатлон клубот „Триоги Рејсинг“ заедно со техничкиот организатор Триатлон Федерацијата на Северна Македонија. Главниот град повторно ќе биде место каде што ќе се слави триатлонот – спорт кој е брзорастечки во светот, а и кај нас добива сè поголемо внимание.

Повеќе од 200 натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија и од Косово ќе учествуваат и на голема радост квотата што може да се реализира во базенот „Борис Трајковски“ беше исполнета неколку дена пред крајот на рокот за пријавување. 

На голема радост и со голема поддршка од Стопанска банка АД – Скопје, Stopanska Triogy Triathlon 2022 ќе стане возможна мисија. Подготвени сме со сопствена судиска екипа и техничка поддршка од страна на Триатлон федерацијата на Северна Македонија, да обезбедиме трка на која секој натпреварувач би сакал да учествува и веруваме дека овој натпревар ќе прерасне во традиционален натпревар кој ќе им овозможи на македонските триатлонци да се натпреваруваат на домашен терен, велат од „Триоги Рејсинг“.

-Радосни сме што интересот за триатлонот расте и кај нас, а за тоа зборува и интересот да се учествува на ваква трка. Скопје заслужува да има триатлонска трка и се надеваме дека нашиот ентузијазам ќе биде мотивација за приватниот сектор и за институциите да го поддржуваат реализирањето на ваков тип натпревари – вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на „Триоги Рејсинг“.

Оваа година ќе настапат натпреварувачите ќе бидат поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција.

-Деца 1, родени 2013 г. и помали

-Деца 2, родени од 2012 г. до 2010 г.

-Кадети, родени од 2009 г. до 2007 г.

-Јуниори, родени од 2006 г. до 2003 г.

-Елитна група, родени пред 2002 г.

-Мастерс група или ентузијасти родени после 2002 г.

Натпреварот ќе се бодува и ќе биде дел од државното триатлон првенство.

Првиот триатлон натпревар одржан во 2019 години претставува најмасовен триатлон натпревар во нашата држава со преку 150 учесници. За жал, поради ковид-пандемијата, немавме дозвола да го организираме натпреварoт и во наредните две години.