Тринаесетгодишно дете избодено во Чаир, во исклучително тешка состојба


Фото: Б. Грданоски

Тринаесетгодишно дете се бори за живот, откако било избодено со нож во тепачка на улицата „Македонско-косовска бригада“ во скопски Чаир, дознава Телма. Според болнички извори, детето е во исклучително тешка здравствена состојба.

Во инцидентот учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице, велат за Телма извори од Министерството за внатрешни работи (МВР). Во тепачката биле употребени ножеви и безбол-палки.

Еден од малолетниците, роден 2012 година, признал дека користел нож, но целосната форензика треба да покаже дали токму со него му биле нанесени тешките повреди на 13-годишното дете. Неговиот брат, роден во 2007 година, одбива да даде исказ.

Полицијата го расчистува случајот и ги утврдува улогите на сите учесници во инцидентот. Се подготвува кривична пријава за обид за убиство, но последната квалификација ќе ја даде обвинителствто.