Трилер во Рејкјавик: Манасков во последните секунди донесе голема победа против Исланд

Македонската ракометна репрезентација дојде до голема победа на гостувањето во Рејкјавик против Исланд со 33:34.

Вистинска драма и трилер завршница се случи во мечот од третото коло во нашата квалификациска група, а на крајот како победник излезе македонската репрезентација.

Двете репрезентации најавија тежок и цврст натпревар, а на првиот погодок се чекаше повеќе од три минути и тоа од страна на домаќините. Нашата репрезентација првиот гол го постигна по шест минути игра, откако веќе на почетокот од мечот Лазаров промаши пенал за водство.

Исланд во првиот дел одржуваше предност од два гола, а по десетина минути игра Исланд дојде и на плус три. Исланд успеваше да ја одржува оваа разлика, на моменти ја зголемуваше и на плус четири. По ова нашата репрезентација се консолидираше, па успеа да дојде до израмнување и до крајот на полувремето се играше гол за гол, па на пауза се замина со 17:17.

Во вториот дел Исланд повторно успеа да поведе со два гола разлика, но избраниците на Данило Брестовац направија серија од 4:0 и поведоа со 26:24.

На десетина минути до крајот резултатот беше израмнет, неизвесност која се одржуваше до 55. минута. По ова Кузмановски промаши, а Исланд успеа да поведе со 32:31. Следуваше драматична завршница, Македонија израмни на 33:33 со голот на Талески, а нашата репрезентација имаше и напад за победа под закана за пасивен напад, но беше досудено пробивање на 11 секунди до крајот, по што Исланд доби шанса за да дојде до гол вреден победа. Но, ни Исланд не го искористи тоа, а домашните ракометари направија прекршок што значеше пенал за нашата репрезентација. Манасков ја презеде одговорноста, но голманот на домаќините одбрани, по што крилото на Македонија повторно ја прифати топката и од втор обид успеа да ја затресе мрежата за голема победа од 33:34.

Гоце Георгиевски беше најефикасен во нашиот состав со седум погодоци, додека Арон Палмарсон беше најефикасен со 11 гола кај Исланд.

Двете репрезентации ќе се сретнат повторно веќе во недела во рамките на четвртото коло, а натпреварот ќе се одигра во СЦ „Борис Трајковски“.