Трифун Костовски: Зградата на Еуростандард банка не смее да се продаде под 12 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

Бизнисменот Трифун Костовски, основач и еден од сопствениците на некогашна Еуростандард банка, реагираше на третата по ред аукција за зградата на пропадната банка во центарот на Скопје, при што вели дека таа не треба да биде продадена под 12 милиони евра. На вчерашното наддавање, фирмата Пантелеон ГС понуди 5,37 милиони евра за дирекцијата на бившата Еуростандард банка, со вкупна површина од 3,500 метри квадратни и како што посочува Костовски со можност на доизградба на нови 800 м2 во самиот епицентар на Скопје.

„Го крчмите мојот имот без око да ви трепне“, вели Костовски во реакцијата, при што нагласува дека зградата на бившата Еуростандард банка по ниту еден параметар не смее да биде подолу од 12 милиони евра. Тој додава дека предупредувањето го упатува до Стечајниот управител Саздовски и до Одборот на доверители, кои треба да го кажат конечниот збор за вчерашното електронско наддавање.

„Самиот манипулативен чин за евтино купување на мојот имот е ваш потег да го обезвредните собраниот капитал во стечајната маса и со тоа на јавноста да докажете дека јас и моето семејство сме виновни доколку не се соберат средства за обештетување на правните, физички лица и нас, акционерите“, вели Костовски.