Трифун Костовски не се плаши од кривичните пријави од Народната банка


Фото: Б. Грданоски

Трифун Костовски, еден од акционерите на Еуростандард банка вели дека е задоволен што по двомесечен молк отпочнуваат активности околу вистинските причини за носењето на банката во стечај.

Оваа негова реакција доаѓа, како што вели во соопштението до медиумите, доаѓа откако добил известување преку медиумите дека се покренати кривични пријави од Народна Банка против високи структури на Еуростандард банка кои директно учествувале во носење на банката во стечај.

„Го поздравувавм овој чин“, вели Костовски.

Според него кривичните пријави се плод на иницијатива на, како што вели „’човекот со чисти раце’, гласноговорникот во името на Зоран Заев, кои ги најави на средбата со оштетените штедачи на Еуростандард банка, а финализирани ако не од било кој друг, туку од Народна Банка“.

Тој смета дека неговата колумна објавена на 13.10.2020 на повеќе портали била повод за давање на зелено светло на Народна Банка за покренување на вакви кривични пријави.

„Не се плашам, останува на мојот пат на вистината. Стечајот на Еуростандард Банка е злостор од криминогени структури, а тоа имам намера и да го докажам. Притисокот од кривичните пријави и друг вид кои постојат во институциите на системот, воопшто не ме плашат, туку напротив, ме охрабруваат да продолжам со својата мисија“, вели Костовски.

Народната банка вчера информира дека до Јавното обвинителство има поднесено кривична пријава против поранешни одговорни лица во Еуростандард банка АД Скопје, сега во стечај.

-Имајќи го предвид членот 181 од Законот за банките, со којшто се нормира кривичното дело – Предизвикување стечај на банка, Народната банка до Јавното обвинителство има поднесено кривична пријава против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложи и преземање мерки коишто се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите, соопшти Народната банка.

Оттаму додаваат дека заради карактерот на постапката и почитувајќи ги надлежностите на Јавното обвинителство и правото на пресумпција на невиност, во овој момент, Народната банка не би можела да сподели подетални информации.