Велестово: Поетска  ноќ – восхит на возвишениот дух

Источно од градот Охрид, врз падини на планината Галичица и на над 1.000 метри надморска височина, распослано е селото Велестово. Неговата местоположба измамува величествен поглед кон езерото, градот и западните планини, а бајковитите зајдисонца и вечерното ѕвездено небо, посебно во летните ноќи, разбудуваат лирски трепети и отвораат митски простори на задоволство и наслада.

Неговото постоење е закоренето во преданијата и легендите останати во меморијата на жителите, но и во некои постари записи. Името се врзува за паганската традиција на старословенскиот бог Велес, заштитник на сточарите, со што се определува и вековното занимање и опстојување на жителите на селото. Првите пишувани податоци датираат од почетокот на 13. век, кога „жител од охридскиот крај Иван Иеракар се претставува по род Македонец“. Иван Иеракар „потекнува од с. Власто, сегашно Велесто, охридско.“ (Иванъ СнѢгаровъ, История на Охридската архиепископия, том I, стр. 250, София 1932 г.). Исто, според Снегаров, од овој период се спомнуваат и имињата на велестовските жители: Братан, Радов, Грида Дринка, Дровослав, Саракин и Волкан. Тоа е времето на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан (1216-1235).

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ како културен-историски споменик, која во својата еднокорабна градба до денес го чува живописот изведен од патувачки зографи, под малтерот на северниот и западниот ѕид чувала значајни написи на старословенски јазик, кои фрлаат мала светлина врз раздиплувањето на темните временски пластови од историјата на селото. Тие датираат од средината на 15. век и денес можат да се видат и да се прочитаат.

Најстариот статистички податок за бројот на жителите на село Велестово се среќава во „Опширниот пописен тефтер на Охридскиот санџак“ од 1583 година и според него, во наведената година селото броело 113 семејства, сите христијани. Вакви и слични статистички податоци се наоѓаат и во други османлиски тефтери во кои е претставено движењето на бројот на населението низ подолг временски период, а во 1900 година Васил К’нчев објавил статистика за годините од 1884 до 1889 и во тој период селото имало 560 жители.  Пописните листи на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) од 1921 година наведуваат 72 домаќинства со 643 жители на Велестово.

Според пописите по Втората светска војна, се забележува перманентен раст на бројот на домаќинствата и на жителите, најголем во 1981 година со 289 домаќинства и 1.239 жители, за во последните децении на минатиот век миграцијата да си го направи своето – жителите се преселуваат во месноста Рача, но и таа е во опфатот на катастарската општина Велестово.

Како културно-историски обележја можат да се сметаат археолошките локалитети Селиште, Кромидишта, базиликата Студенчишта и селската чешма, на која во камен се изрежани имињата на мајсторите и 1892, годината кога таа била направена, .

Вкупната површина што го зафаќа атарот Велестово изнесува над 2976,4 хектари и е најголем во однос на другите села распределени на планината Галичица.

Велестово денес е препознатливо како атрактивна туристичка дестинација за активен туризам и по манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која поетскиот збор го врати на праизвориштето, таму од каде што никнал, од длабочините на милениумите, од живата природа и од радоста што ја нуди таа.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 15. век е културно историски споменик запишан во регистарот на Културно-историски споменици. Тремот на црквата е адаптиран за поставување на изложбите на македонските сликари, учесници на Поетската ноќ во Велестово.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се наоѓа во центарот на селото Велестово. Таа претставува еднокорабна градба со полуоблест свод и тристрана апсида од надворешната страна. Градена е од кршен и делкан камен, употребен за аглите и влезовите.

Покрај легендата за изградбата на оваа црква врзана за јаничарот Потур Петко од село Лескоец, единствените податоци за оваа црква се неколку зачувани натписи, испишани на старословенски јазик. Во првиот натпис од 1444 година, што се наоѓа на северниот ѕид, се споменуваат имињата на ктиторите: попот Ѓорѓија и Станца, братот на Станца, Михо, како и Рајко Добрилов, и имињата на Дабец и Петко. На крајот се испишани денот, месецот и годината кога е завршена првата етапа на фрескосликањето: 4 мај 1444 година.

Вториот натпис се наоѓа над западниот влез од внатрешната страна на црквата, кој датира од 1450/51 година и тука се спомнати ктиторите В’лкота, Слава, неговата сопруга, ќерката Рувена и синовите Михо, Јаков, Никола… Во натписот се споменува и охридскиот архиепископ Никола, а даден е и список на имотите со кои располагала црквата: Боза, Сирачица, Синадол, Долишта, Глогово, Селчиште, Кабре и Присој.

Живописот според натписите во црквата, е изведен во две етапи. Првата (од 1444 година) го зафаќа просторот од иконостасот до третата греда, втората (од 1450/51 година) од третата греда кон западната страна. Двете етапи се графички одвоени со повлечена лента во широчина од 5 сантиметри.

Зографот на живописот од 1444 година е значително посолиден, „неговата линија осцилира во однос на дебелината и прецизноста, но сепак неговите фигури се сосема солидно опфатени и изведени, при што недостатоците на цртежите се надоместени со поживиот и посмелиот колорит. Тој на некои места, како фигурата на Свети. Меркурие, ги покажува настојувањата за доближување кон живописот од претходената епоха, односно од периодот на 14 век“.

Зографот од 1450/51 година со „дебелата и груба црна линија на цртежот, со бројните анатомски неточности и колоритот од потемни бои, јасно го покажува влијанието во сликарството од овој период (15 век, н.з.), што станува општа карактеристика за поголем број зографи во периодот на ропството под Османлиите“, се вели во стручното образложение за ликовниот карактер на живописот во црквата.

Поетска ноќ во Велестово

Годинава е 31 издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово, по Струшките вечери на поезијата, најстарата поетска манифестација во земјава. Таа е оригинална по својата концепција, бидејќи се претставува еден поет и еден сликар во амбиент надвор од сите академски простории.

Низ годините Манифестацијата неколку пати се нашла во ситуација да стравува за својот опстанок. Еден од овие случаи беше токму  минатата година кога го имаше триесетгодишниот јубилеј, а не влезе во годишната програма на Министерството за култура. Но, со помош на Општина Охрид, Комерцијална банка и многубројните пријатели беше направен достоинствен јубилеј, иако во јубилејната година за првпат по 10 години беше откажана интернационалната програма. Донеодамнешниот министер за култура Асаф Адеми повторно ја врати Манифестацијата во својот колосек и годинава повторно полека таа се враќаме во меѓународни рамки.

Манифестацијата претставува своевидна антологија на македонската поезија и сликарство. На неа во овие три децении беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои и Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Никола Маџиров, Веле Смилевски, Ристо Василевски, Катица Ќулавкова, Ѓоко Здравевски, Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски и други, а од сликарите би ги издвоиле Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Никола Упевче, Емил Шулајкоски и Александар Становски.

На манифестацијата свој простор добија и други профили од светот на уметноста, како актерите Славко Нинов, Петар Темелковски, Томе Витанов, студентска група од класата на Владо Цветаноски, Варица Недевска, независните театри како  „Скрб и Утеха“ и НАТГ Аматер – Охрид. Музичарите: Владимир Четкар, Климент Тодоровски, Зоран Маџиров, Горан Папаз „Старовски“, UNDONE и др.

За јубилејот лани беше издадена и соодветна Монографија во која е поместен антологиски избор од досегашните преставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски. Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер претставен е избор на досегашните странски поети од Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…

Две јубилејни изданија беа посвети на поновата македонска поезија (на 25. и 30. издание) и по тој повод е објавена книгата „Гласови на новиот век / панорама на поновата македонска поезија“.

Враќање на праизворот

Поезијата е единственото нешто што го чува исконското млеко на јазикот и што ја говори вистината. Ја говори вистината на јазикот, бидејќи поетскиот јазик не трпи надворешни интервенции, туку неговото ехо доаѓа директно од јадрото на праизворот на говорот. Токму Поетската ноќ во Велестово веќе триесет години се одржува во тој знак: поетскиот јазик да го врати онаму од кај што протекол, од чистата нечепната природа и од учењето на говорот во магличавите почетоци на цивилизациите. Тоа значи дека оваа манифестација поезијата ја извади од академските простории и ја издигна високо во високиот простор на кој и припаѓа. Таму да најде мир и спокојство за да проговори и да сведочи за своето време. Исто така, порачува дека, во неизвесните предизвици на новото време од поезијата не треба да се плашиме бидејќи таа не е нешто нејасно, надворешно, туку е составен дел од жуборот крвотонашиот кој го диктира животен импулс.

Ако од оваа триесетта година фрлиме поглед наназад кон почетоците на манифестацијата, кога ентузијазмот не познаваше граници, ќе го видиме јасно оцртаниот пат и светливите нагорнини низ кои таа се искачувала и ги прегрнувала убавината, раскошот и духот со стотици и стотици раце, афирмирајќи ја благотворната функција: луѓето да ги направи подобри. Поетите се повластени да учествуваат во јазикот со кој не може секој да владее; тие зборуваат за нешто што е во постојана преобразба која тектонски избувнува длабоко од нивната интима и поезијата ја прави подлабока и потаинствена од политиката која секојдневно не пустоши. Поетската ноќ во Велестово и се спротивставува на таквата секојдневна баналност, бидејќи читателот или слушателот восприемајќи ја поезијата, доживувајќи ја во себе, си открива еден свет во кој многу јасно може да си одговори кој е тој и со кого комуницира во ова современо задушувачко сивило.

Поетската ноќ во Велестово е своевиден феномен, и по концепција и по начинот како таа се презентира. Во почетокот манифестацијата почнуваше на полноќ со претставување на еден поет и еден сликар, врзувајќи цврста нишка помеѓу зборот и бојата, надополнето и со  надворешниот полноќен амбиент со ѕвездено небо и бран на некое топло летно ветре. Така растеше презентирајќи го пред јавноста највредното создадено кај нас. Сега, од оваа тридецениско растојание може јасно да се види дека манифестацијата претставува една своевидна строга антологија на македонската поезија и сликарство, но не само на нив, туку и на значајниот одбир на личностите кои ги претставувале, кои беседеле за авторите, а кон нив се приклучуваат и имиња на значајни актери и музичари што на манифестацијата ѝ отвораат мултикултурен простор.

Од 2010 година Поетска ноќ во Велестово ги брише границите на земјава, слевајќи се во океанот различни јазици, поезии  и поетики. Голема е привилегијата на ова високо место да се слуша милозвучноста на јазиците кои носат мноштво пораки од различни страни, но со исти намери и исти цели; да се биде потполно слободен, бидејќи само слободата ја содржи врвната креативност на јазикот на кој говори поезијата. Низ изминативе години во архаичниот јазик на селаните се испреплетоа зборови од Ирска, Русија, Сирија, Естонија, Бугарија, Србија, Италија, Црна Гора, Словачка, Албанија, Норвешка… Овој список и во иднина ќе се збогатува.

На крајот пак да се вратиме на праизворот на јазикот кој во изобилство клокоти, кој се пенее на овие височини и ги разгласува моќните сигнали кои ни ги посочуваат миговите дека живееме и дека за миг сме во илузијата на вечноста. Затоа треба да сме горди бидејќи Поетска ноќ во Велестово воспостави една голема комуникативна заедница на поети, љубители на поезијата, толкувачи на поезијата, а во таа заедница постојано се утврдува верата и надежта дека говорот за смислата на човечкото постоење уште ни е суштински неопходен.

Поетите се прегнуваат преку јазиците!

***

Искажувања за Поетска ноќ:

Акад. Гане Тодоровски: Велестово, без оглед како уште би го нарекле, нека биде само фигура, дека ова е своевиден Олимп, Олимп како синоним на висина. Се искачивме тука навистина да веруваме дека на некој начин ја извишуваме литературата.

Акад. Ѓорѓи Старделов: Во оваа Велестовска летна ноќ свети и познатото Кантово „ѕвездено небо“.      

Акад. Матеја Матевски: Не треба да се заборави дека и Струшките вечери на поезијата  се појавија како спонтана и неформална средба на поетите, што благодарение на поволните општествени услови за творештвото сè повеќе се развиваа, станувајќи наша и меѓународна угледна институција. Неформалниот карактер на Велестово не го сметам за хендикеп на овој наш собир. Ако формалниот карактер се изразува преку редовна помош или финансирање на надлежните државни и локални институции, мислам дека таа треба повеќе да се поддржува, зашто досега, во овие 17 години се создаде убава и вредна антологија нз нашата современа поезија, критика, сликарство и тоа е значаен прилог во создавање на раскошниот мозаик на нашата литература и култура. Мене ми е драго што на една од овие вечери и јас им се придружувам со моите стихови.

Акад Глигор Чемерски: Почитувани жители на ова прекрасно село, за мене претставува голема чест што ме поканивте да отворам изложба во тремот на оваа црква, простор кој навистина ме плени, не само со својата убавина, и ме враќа во минатото за да поразговарам со големите зографи што го живописале овој величествен храм.

Акад. Радомир Ивановиќ: Бидејќи јас сум еден од врвните македонисти кои работат надвор од Македонија морам да кажам дека Поетската ноќ во Велестово, како нетипична манифестација, мора да се одржува, таа е многу поразлична од другите – во Велестово има дух што ние дојденците од разни катчиња на светот и кои сме промотори на македонскиот јазик, литература и култура високо го чувствуваме.

Венко Андоновски: Велестово се смета за поетски Ерусалим.

Акад. Анте Поповски: Беше тоа есента 1975 г., значи, и тргнавме: ниту некој не праќа ниту пак ние некому рековме -ваму; ниту испратени –ниту пак дочекани од некого. Сами како и цел живот. Но, се уште бевме љубопитни. Низ разговор ние и не сетивме кога се искачивме до тука. Јас на ова се потсетувам за да кажам со колкава возбуда говореше Живко за Велестово: Велгошти е животот човечки – Велестово е олтарот Исусов. Бесконечно му веруваше на секој свој збор.

Сергеј Андреевски: Велестово е едно митско место во кое се одржува манифестацијата Поетска ноќ во Велестово. Ја следам како напредува, од година во година се зацврстува и организаторот бара постојано нови форми како таа би била поинтересна, не само за тие што доаѓаат да ја посетат туку и за нас, учесниците.

Санде Стојчевски: Меѓу голем број манифестации од областа на културата и творештвото во текот на годината што се одржуваат ширум Македонија оваа средба во Велестово има посебен шмек, посебна боја, навистина е исклучителна, пред се заради тоа што навистина се одржува, како што се вели за вакви места, ни на небо ни на земја, како некој необичен, маѓосан чардак, бидејќи на неколку километри над волшебното Охридско Езеро се наоѓа ова село со добронамерни жители, кои, ете и дадоа гостопримство и на поезијата.

Живко Пејовски: Поетската ноќ во Велестово во прекрасен амбие4нт каде се гледа и мириса традицијата претставува единствен миг каде мерката за време исчезнува, се се претвора во поезија, во доживување.                                       

Глигор Стојковски:Треба да се живее во Велестово. Единствено таму, под карпестите врвови и над езерскиот спокој времето не одминува. Треба да се потпрете на гредата што мајсторите ја ставиле да ја крепат куќата. Треба да седнете на прагот што означува таинственост на домот, и уште голтка –две вино и треба да се сети на непцето здивот на земјата и доволно е, и за животот и за песната. Тоа е она што ја прави исклучителна оваа манифестација.

Акад. Коле Манев: Самата манифестација ми беше позната беше уште од нејзиното формирање и навистина ми претставуваше чест кога бев поканет, а уште поголема чест ми беше кога вечерта на некој начин требаше да ја делам или јас да бидам придружник на поетскиот портрет на Анте Поповски. (…)

Атмосферата  која владееше и јас што ја доживував вечерта во Велестово беше навистина прекрасна. Прво, беше прекрасна од добриот начин на кој селаните ги примаат гостите и учесниците на манифестацијата и второ – изложбениот простор во црквата Успение на Пресвета Богородица каде што ние излагавме, а и просторот на кој се држи беседата на славеникот се прекрасни и возбудливи места.

Марам Ал Масри (Сирија/Франција): Со себе носам многу прекрасни сеќавања од таа поетска средба од многу највисок ранг. На светот му се потребни многу поетски фестивали од ваков тип, каде што благодетите на литературата и хуманите вредности се заедно на иста страна, борејќи се да ја одбранат убавината во овој свет.

Живееме во многу тажен историски момент, кога парите се господари на светот. Во светот во кој расизмот и криминалот се се посилни.

Оваа поетска манифестација придонесува кон тоа да се подобрат човечките односи и го прави овој свет поубаво место за живеење. Му благодарам на Бога и на организаторите на оваа манифестација затоа што не дозволуваат убавината да умре.

Акад. Радован Павловски: Искачувајќи се кон Велестово имав чувство дека се враќам кон себе, кон оние духовни висини на својата планинска земја, езерска, бурна, едноставно како дома.

Гоце Ристовски: Манифестацијата Поетска ноќ во Велестово го потврди своето значење со различноста на концептот,  сето тоа да трае само една ноќ во присуство на ѕвездите на блескавото небо и бранувањето на езерото во непосредна близина. Преку стихот и бојата се доловува тој чин во кој рамноправно учествуваат уметниците и жителите на Велестово.

Акад. Боро Митриќески: Ваквите манифестации, како оваа во Велестово се насушно потребни. Тоа се духовни знаци и континуитет. Велестово и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се божествена и духовна екстаза. Среќен сум што излагам тука. Што повеќе такви манифестации толку подобро за духовната клима на Македонија.

Акад. Газанфер Бајрам: Според програмата на манифестацијата ќе биде поставена изложба на мои дела во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово. Самото место е доста инспиративно за уметниците. Велестово, неговата местоположба и неговата близина до ѕвездите, предизвикува човекот да добие ѕвездени полети со кои се впушта во истражување… Тоа што годинава сум дел од манифестацијата ми претставува големо задоволство, пред сè, поради фактот што пред мене дел од неа биле бројни значајни македонски уметници, како и дружење со бројни претставници на културниот живот на земјава кои се традиционално дел од вакви манифестации.

Ефтим Клетников: Велестово и неговите поетски ноќи се духовна светлина во ова наше се повеќе  смрачено и антипоетско време… Велестово ја брани поезијата. Тоа е еден вертикален утопистички остров во мракот на историјата и глобалното сивило на интернет-технологијата денес, во обесветениот свет и јазик испразнет од својата света, религиозна супстанција.

Сим Кера  (Естонија): Поетската ноќ во Велестово е чудесна манифестација опкружена со прекрасна природа и гостопримливи луѓе. Ако поезијата беше секаде така „кул“ како што е во Велестово, секој би посакал да е поет.

Патрик Котер (Ирска): Моето искуство со Поетска ноќ во Велестово беше магично.  Духот на заедницата, каде што сите локални луѓе излегоа да ги пречекаат и да ги слушнат странските поети беше инспиративно искуство, како што беше и самата убавина на локацијата… Мислам дека Поетската ноќ во Велестово беше една од најефикасно организираните поетски манифестации на кои сум бил, не само поради тоа што сите настани беа планирани толку добро, но и поради големата посетеност и медиумска покриеност… Во овој период од годината, кога светлината од августовското вечерно сонце фрла една специфична магија, се потсетувам на прекрасните велестовски ноќи и посакувам да сум таму повторно.

Дик Робертс (САД): Многу сум задоволен што сум дел од Поетската ноќ во Велестово. Чест ми е како американски уметник са бидам поканет да ги изложам моите дека заедно со мојот драг македонски пријател Сергеј Андреевски. Македонија ми е при срце и многу ѝ се восхитувам и го почитувам нејзиното богато наследство.

Ристо Василевски: Не разбирам како една мошне видна точка на нашата духовност, еден висок чардак на нашата поезија и поетска манифестација со триесетгодишна витална традиција може да остане без поддршка на нашето Министерство за култура.

Колку тоа значи, не само за Велестово, туку и за сите нас – живи и мртви поети – чиишто гласови, ако се притивне здивот, јачат во тој речиси митски простор.

Мирослав Јовановиќ Тимотиев (Црна Гора): Струшките вечери и Поетското Велестово се духовна и културна светлина во Регионот. Кој тоа го гаси вечниот оган!

(МИА)