Триесет и прва „Поетска ноќ во Велестово“ од 16 до 18 август


Во охридското село Велестово на 16 август ќе биде отворена 31-вата „Поетска ноќ во Велестово“, годинава посветена на поезијата на Иван Џепароски и цртежите на Воскресија Андреевска. По пауза од една година, манифестацијата е повторно интернационална и ќе има гости од Бугарија и од Ирска.

Отворањето на 16 август ќе биде во 21 часот со настап на вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан.

За делото на Иван Џепароски ќе говори проф. д-р Наташа Аврамоска, а стихови од неговата поезија ќе чита актерот Владимир Јачев. На првата поетска вечер од 22 часот во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

Наредниот ден (17 август ) од 12 часот  во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а истиот ден од 19.30 часот во кафе-барот „Шила“ во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи од Ирска, во избор и препев на Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.

На третата и завршна поетска вечер (18 август) од 20.30 часот во Куќата на Уранија во Охрид во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе биде претставен романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова, кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2018-та, со што ќе заврши годинашната, 31.. „Поетска ноќ во Велестово“.