Триесет години затвор за убиецот на бугарската новинарка Маринова
Бугарски суд вчера го осуди Северин Красимиров на 30 години затвор, поради силување и убиство на телевизиската новинарка Викторија Маринова.
Телото на Маринова беше пронајдено на 6 октомври минатата година во реката Дунав во градот Русе во северна Бугарија.
Обвинетиот, 21-годишниот Красимиров, денеска се појави во судница под силни безбедносни мерки и со лисици на рацете, каде што се изјасни за виновен и побара што побрзо да му биде изречена пресудата.
Истражителите заклучија дека Красимиров сам го извршил злосторството.
Тој беше уапсен во Германија, каде побегнал, а беше испорачан на Бугарија една недела по извршеното убиство.
Со тоа што се изјасни за виновен, Красимиров избегна доживотен затвор. Тој има можност во рок од 15 дена да поднесе жалба на пресудата.