Трибина „Сите лица на Горан Стефановски“ во КСП Центар „Јадро“


Фото: Б. Грданоски

 

 Трибина „Сите лица на Горан Стефановски“ ќе се одржи вечер (19.00) во КСП Центар „Јадро“, на денот кога е напишано неговото „Писмо до внуката“ и кога неговата внука Калина полни 10 години.

– Со неа ќе се заокружат дискусиите за делото на истакнатиот драмски писател и есеист во текот на оваа година, кога се навршија 70 години од неговото раѓање, но, истовремено ќе се најави дека тие и воопшто вреднувањето на неговото творештво, продолжуваат, информираат од КСП Центар „Јадро“.

Како што се наведува во соопштението, настанот ќе почне со „Писмо до внуката“, со прочит од Благоја Чоревски, актерот кој прв пред камера го прочита овој текст на Горан Стефановски по неговото објавување. Потоа, низ разговор на Иван Антоновски и Ана Стојаноска, ќе се оствари осврт на сите лица на Стефановски, за неговото драмско и есеитичко творештво, но и за него како интелектуалец.

– Покрај дискусијата, на трибината ќе се слушнат и фрагменти од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски, „Искрата што се измолкнува“, со прочит на студентот на Факултетот за драмски уметности при УКИМ, Кире Ацевски, но и пораки од видео – материјали со Стефановски, се додава во соопштението.