Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Државата и граѓаните ќе плаќаат пенали за нереализираните капитални проекти


Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната Дебата за Македонија – Економски политики за достоинствен живот и ЕУ интеграција во Неготино во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависта промените!“ обвини денес дека власта на СДСМ и ДУИ изминатите седум години не заковала „ниту една шајка“ иако во овој период биле потрошени преку 22-23 милијарди евра, кои биле планирани за капитални проекти.

Годинава, според Стојановски за капитални инвестиции се реализирани 55-56 отсто од предвидените средства и невозможно е во наредните два месеци тоа да се надополни. 

Осврнувајќи се на автопатот Кичево – Охрид, Стојановски рече дека „тоа е еден споменик на неспособноста на СДСМ“, посочувајќи дека претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ го оставила со 50 проценти реализација.

„Прво беше трасата искривена, па потоа немало клучки за да ден денес иако кажаа дека рокот е 2023-та година, јас ве уверувам тука дека се уште трасата не е пробиена“, рече Стојановски. 

Според него „она што ќе остане како наследство од СДСМ е тоа што државата и граѓаните ќе плаќаат пенали за нереализираните капитални проекти“.

„Од она кое треба да се нотира и што ќе остане како наследство на СДСМ е тоа што сите ние тука ќе платиме пенали за нереализирани капитални инвестиции покрај тоа што се обезбедени средства и изработени се проекти и само требаше да ги продолжат. Такви беа зградите на ФИНКИ и ФФК, таква беше ситуацијата и со клиничкиот центар во Скопје. Се сеќавате дека тогаш за 170-тина милиони евра требаше да отпочне изградбата на нов наместо на тоа што го предвиде Венко Филипче и овие кои се економистиве во владава за половина милијарда евра за кој нормално ние не дадовме дозвола да се изгради затоа што ќе беше нова плачка на векот како што сега е оваа со Коридориве на Артан Груби. Тој не само што не го отпочнаа тука ние заедно што седиме ќе треба да плаќаме пенали во износ од 18 милиони евра. Исто така оваа година сите ние заедно тука плативме 18 милиони евра за пенали заради тоа што еден потпис фалел за да се издаде еврообврзница“, вели Стојаноски.

Стојаноски е дециден дека во однос на пенали државата треба да плати 36 милиони евра.

„Ако ги собереме само овие средства во однос на пенали што оваа држава треба да ги исплати тоа се 36 милиони евра, а 36 милиони евра се 36 нови градинк“, потенцираше Стојаноски.

Според Стојаноски економистите од Владава и економскиот тим треба да си поднесат оставка.

Гордана Димитриеска – Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата се осврна на законот за минимална плата каде како што рече минималната плата не ја следи продуктивноста.

„Легитимно е секоја влада да носи мерки, за поздравување е да се зголеми минималната плата, но знаеме дека мора да ја следи продуктивноста. Така овој пораст на плати се прелеа на крајните цени“, кажа Кочоска.

Таа се осврна и на најавите за прогресивно оданочување, за сузбивање на сива економија , на мерката дека не може да има плаќање во готово повеќе од 500 евра.

„Па и тоа го сменија и во суштина во континуитет го менуваа начинот на однесување што создаваше една непредвидливост кај приватниот сектор и сето ова ги менуваше очекувањата и тој сектор почна полека да ги  зголемува своите цени на финалните производи“, кажа Кочоска.

Според неа ова е првата фаза кога влеговме во висока инфлација. Вториот момент, додаде Кочоска, кој исто беше задоцнет и непредвидлив е тоа што ја замрзнаа трговската маржа.

„Не може секој ден да им менувате мерки, менувате ДДВ, носите прогресивен данок и слично, а од друга страна им растат и каматите на кредитите значи фирмите имаа само непредвидлива околина.. Притоа повеќе од 80 посто од платата граѓаните ја трошат на храна“, кажа Кочоска.