Трибина „Граѓанственоста денес: Француски и македонски предизвици“


 

„Граѓанственоста денес: Француски и македонски предизвици“ е насловот на трибината што ќе се одржи денеска во Даут Пашин Амам во Скопје, а се организира по повод објавувањето на едицијата „Социологија на граѓанственоста – една француска триологија“, приредена и преведена од француски на македонски јазик од проф. д-р Ило Трајковски.

Поздравно обраќање на трибината, како што најавија од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ќе имаат францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.

– Трибината ќе понуди една поинаква дискусија посветена на дилемите на граѓанственоста како суштина дефинирана еднаш засекогаш или историски конструирана општествена врска; ќе се осврне на тензиите во кои се одвива институционализирањето на граѓанственоста; на граѓанинот и неговото менување низ вековите; како и за граѓанственоста како претпоставка на општествената интеграција во сите сфери, се вели во соопштението.

За трилогијата ќе зборуваат проф. д-р Ило Трајковски и проф. д-р Гордан Георгиев. Дискусијата за граѓанственоста денеска ќе ја отвори еден од авторите, проф. д-р Игор Мартинаш од Франција зборувајќи за предизвиците на институционализираната граѓанственост и проф. д-р Гордана Силјановска Давкова осврнувајќи се на предизвиците на граѓанственоста во зародиш.

Издавачи на публикациите се Македонски центар за меѓунардона соработка (МЦМС) како дел од програмата Цивика мобилитас и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје.