Трибина „130 години МРО“ и промоција на зборникот „120 години од Илинденското востание“


Матица на иселениците од Македонија и Општина Карпош денеска, во годината кога се одбележуваат 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација, 120 години од Илинденското востание и 120 години од смртта на Гоце Делчев, организираат трибина „130 години МРО“ и промоција на зборникот на трудови „120 години од Илинденското востание“ и зборник на трудови „Македонското прашање во документите на Коминтерната“.

Како што е најавено, говорници на трибината се проф. д-р Катерина Тодороска и проф. д-р Ленина Жила.

– Зборникот на трудови „120 години од Илинденското востание“ произлезе од научната конференција што Матицата на иселениците од Македонија ја организираше во Крушево на 1 август 2023 година. Во зборникот се трудовите на: Катерина Тодоровска, Владо Поповски, Наташа Котлар Трајкова, Билјана Ванковска, Васил Тоциновски, Ленина Жила и Јасмина Дамјановска, Силвана Сидоровска Чуповска, Валентина Миронска, Благица Сековска, Васил Стерјовски и Васко Гичевски, информираа од Матица на иселениците од Македонија.

Зборникот на документи „Македонското прашање во документите на Коминтерната“ е издание на Државен архив на Македонија и Рускиот државен архив за социјална политичка историја или познат како Архив на коминтерната. Во Зборникот, соопштија од Матицата на иселениците од Македонија, се ексклузивни документи за македонското револуционерно движење и историја од времето на ВМРО Обединета. Објавени се факсимили на документите со превод на македонски. Прв пат, посочуваат меѓу другото, се објавува и целосна анкета на европските интелектуалци за македонското прашање.