Tрибина „1160 години од Моравската мисија на солунските браќа и просветители Св. Кирил и Методиј“


Да се говори за наследството на Светите Кирил и Методиј не е едноставно, бидејќи во него се вткаени повеќекратни димензии: просветителско-мисионерска, религиско-црковна, културно-политичка и идеолошко -идентификацијска, беше истакнато на вечерашната црковно-научна трибина во Прилеп на тема „1160 години од Моравската мисија на солунските браќа и просветители Св. Кирил и Методиј“, во организација на прилепската црква „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Целта на моравската мисија на Светите Кирил и Методиј не била само мисионерска работа во строгата смисла на зборот, односно ширењето на христијанството меѓу паганите, туку и, а можеби пред сѐ, создавање словенска црковна организација и подготовка на сопствен свештенички кадар. Поради оваа причина, тие сѐ почесто ги нарекуваат не мисионери, туку учители на Словените, словенски апостоли и рамноапостоли.

-Оттука, повеќе од пожелно е да го согледаме хронолошко-историскиот контекст на животниот пат и епохалното дело на сесловенските светилници, за да се потсетиме, просветлиме и продуховиме и да се обидеме да разбереме зашто, денес, во 21 век, некои европски соседни држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните сесловенски просветители, наспроти вистинските вредности на наследството на светите Кирил и Методиј, рече Ели Милошеска, научен советник во Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Култот кон словенските просветители, рамноапостоли, словенски апостоли е присутен во македонската литература од средновековниот период па сѐ до денес.

Како најзначајни средновековни ракописи Милошеска ги издвои Празничните минеи од 13-тиот век, Скопскиот, Драгановиот и Добријановиот минеј во кои се напишани службите за Свети Кирил и Методиј и пофалните служби за нив. Во науката, каде, според академик Харалампие Поленаковиќ за првпат светите Кирил и Методиј се споменуваат во школската програма испечатена во цариградски весник на први јануари 1852 година. Таа го нагласи огромното влијание на сесловенските просветители во македонската литература до 20 век.

-Македонската држава својот наратив го темели врз основа на делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методија со кое, всушност е извршена прва кодификација на словенскиот јазик од говорите од околината на Солун кој подоцна е распространет со преведувањето на светите книги. Секое присвојување на Моравската мисија и нивното дело од соседна држава е само политичко и без никакви историски извори и факти, смета историчарот Зоран Богески.

Тој посочи дека Моравската мисија има и ден денес рефлексии врз културолошкото живеење на словенските народи, посебно во државава.

-Од некои наши соседи, историографски и политички е узурпирана и инструментализирана, злоупотребувана со правење конструкции и кога се читаат историските извори со кои се заобиколува нејзината суштина од општословенски карактер и политички се припишува со типично бугарски карактер, што во историските извори апсолутно нема никаква потврда. Македонската држава својот наратив го темели врз основа на нивното дело со кое, всушност е извршена прва кодификација на словенскиот јазик од говорите од околината на Солун кој подоцна е распространет со преведувањето на светите книги: Библијата и други богослужбени книги за потребите на Моравската мисија која подоцна доживеала признавање и од римскиот папа. Така, тогаш словенските народи успеале да се вбројат како рамноправни народи на општото цивилизациско поле на културен натпревар во тогашна Европа, изјави историчарот Богески.

Трибината ја следеше и владиката Петар. Црковни песни изведоа црковниот хор при храмот „Свети Кирил и Методиј“ и корот при КУД „Пере Тошев“ од Прилеп.