„Триаголник на тагата“: Добитникот на „Златна палма“ и номиниран за Оскар во Кинотека


Сцена од „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд

Од 1 февруари започнува вистински мини-фестивал на наградувани филмови во Кинотека. Вечерва, од 20 часот на програмата е „Триаголник на тагата“ (Triangle of Sadness) на Рубен Остлунд (Ruben Östlund), со Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон .

Филмот навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со суперлуксузна јахта.

Социјалната сатира му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со Квадратот (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Филмот освои и номинации за „Оскар“ за најдобар филм, режија и оригинално сценарио.