Три соопштенија за 20 минути на ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ
Утринската доза на пропагандни памфлети на партиите една против друга денеска го достигна еден од своите врвови. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во својот препознатлив манир од последниве години до сите медиуми изутрина испраќа соопштенија во кои речиси секогаш го напаѓа главниот политички ривал СДСМ. Денеска за 20 минути, од 8,52 до 9,12 часот, испрати дури три соопштенија, во кои СДСМ се оценува како антидржавна партија.
Во првото ВМРО-ДПМНЕ оценува дека „СДС антидржавна не најде за сходно да поздрави ниту една важна средба на премиерот Христијан Мицкоски во Соединетите Американски Држави.
СДС антидржавна партија, продолжува да тоне во нивната безидејност и криминал. Поради нивната злоба не можат да го видат, а уште помалку да го поздрават различниот и позитивен пристап на премиерот Мицкоски во водењето и претставувањето на државата.
Премиерот Мицкоски беше единствениот лидер од Балканот во посета на САД и кој учествуваше на инагурацијата на претседателот Доналд Трамп, и тоа го искористи за да оствари бројни средби со влијателни политички претставници и успешни бизнисмени“.
Во второто владејачката партија наведува дека „брука е што СДС е против купување на нов државен авион, по еден загинат претседател и еден претседател врз кој има извршено атентат“. Според ВМРО-ДПМНЕ, „како држава членка на НАТО доколку сакаме да биде сериозна држава, треба да имаме квалитетен воздухоплов. Моменталниот авион кој е во служба на Владата, често е во дефект и на поправки, а тоа ја ‘кошта’ државата. Државниот авион нема да биде на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на СДС и ДУИ, туку ќе биде за потребите на државата“.
Во третото ВМРО-ДПМНЕ вели дека „СДС во лажењето нема мера до каде може да оди, секогаш е способна да се надмине себе си и да ги пробие сите до стигнати нивоа.
Последниот пример е од деновиве, во кој СДС и Венко Филипче се фатени живи како штитат приватни бизнис интереси. За да го заштитат милионскиот профит на нив блиска фирма за обезбедување, се утепаа од лажење веќе неколку дена.
Па така, почнаа да бараат криминал, таму каде што нема. Со новиот тригодишен договор на СОЗР за обезбедување на објекти на државната управа, државата има заштеда од пола милион евра годишно“.