Три сестри Китановски, една модна порака: „ FemmEPIRE“ го слави стилот на сите моќни жени на денешницата

Македонската дизајнерска сцена од неодамна е побогата за уште еден нови уникатен бренд. Станува збор за ателјето КТН – основано како акроним на Китановски– три букви, три сестри. Ангелина е дипломиран моден дизајнер, Сандра завршува втора година на истиот факултет, додека Ива паралелно работи како организатор на настани и кампањи, па највеќе е посветена во делот на промоција на брендот. Трите млади и амбициозни дами ја претставија својата прва колекција на дигиталниот Моден Викенд Скопје, на што му претходеше и нивно учество во кампањата „Time to Shine“, како најава за дваесет и првото издание на настанот.

Зошто е најубаво кога успесите се делат со најблиските, како е да сте прво сестринско трио на домашната модна сцена и зошто за успех треба да верувате во потенцијалот, класиката и моќта, сестрите Китановски открија во интервјуто за „Независен“.

Ангелина, Ива и Сандра Китановски – првото сестринско трио на домашната модна сцена. Од каде идејата за заеднички пробив во овие води?

Ива: Иницијатор и основач на брендот е Ангелина, која може да се пофали со повеќегодишно искуство како модел. Зошто таа не се реши за индивидуален чекор, односно сама да премине од модните писти на дизајнерската сцена? Ако се земе предвид фактот дека трите имаме и брат, логично е што уште од мали нозе сме научени дека тимски се постигнуваат повеќе резултати за помалку време. Оттука и идејата да ги здружиме силите и сите да придонесеме кон заедничката цел. Притоа, најубаво е кога успесите ќе се споделат и прослават со најблиските, зарем не? Брендот функционира од септември, како одговор на потребата да се даде акцент на естетиката, потенцијалот и стилот на сите моќни жени на денешницата. Ателјето првично беше отворено во Гостивар, додека месецов започнавме со работа во Скопје.

Неодамна ja претставивте колекцијата „FemmEPIRE“ на дигиталниот Моден Викенд-Скопје. Какви ви се импресиите од дебито на настанот?

Ангелина: Со оглед на тоа дека нашето првенче доживеа маестрална премиера, ни помалку ни повеќе, туку на Моден  Викенд -Скопје, верувам дека амбициозно ќе продолжиме напред.И самата колекција говори за потенцијалот, за класиката, за моќта. Условите кои ги наметна пандемијата за целиот проект да се реализира дигитално, доведоа до тоа само јас да сум физички присутна на снимањето. Лично сум презадоволна од целата организација, продукцискиот тим и финалниот исход. Реакциите кои допираат до нас од јавноста се мошне позитивни, медиумите ни дадоа максимална поддршка и веќе постои огромен интерес за креациите. Навистина завршивме одлична работа!

Кое парче од колекцијата највеќе прилега на сензибилитетот на Ангелина, Ива и Сандра?

Сандра: Иако трите сме карактерно различни, сродни нѝ се вкусовите и чувството за естетика. Можеби е до гените. Oна што и трите веќе го одбравме како фаворит се транспарентните панталони во комбинација со сако без ракави. Веќе ја носиме тексас јакната со пердуви, како посекојдневна варијанта и адаптибилна на повеќе пригоди. Секое парче од колекцијата е приказна само по себе, бидејќи е работено со особено внимание и посветеност. И секое ни е драго. Сепак, панталоните, јакната и фустанот на еден ракав би ги издвоиле како покарактеристични за нас трите.

За кого се наменети  вашите креации? Од каде ја црпите инспирацијата?

Ива: Создаваме модни парчиња за сите оние кои го ценат убавото. Колекцијата „FemmEPIRE“ конкретно ја следи француската нота на кројот, славејќи ја женската силуета и женскиот потенцијал преку едноставен спој на црното и белото. Сè што го носи и ќе го носи нашиот потпис ќе ги вреднува овие атрибути.Alta moda, поблиску до неа ексклузивно преку КТН ателје.А, инспирацијата може да се најде на многу места, само треба да се погледне потенцијалот одблиску. Дури и кога пиеш кафе со сестрите.

Дали на три млади дами им е предизвик да создадат колекција и за мажи? Какви планови имате за иднината?

Ангелина: Наоѓаме предизвик во сè што создаваме. Ниту припадниците на машкиот пол не се исклучок. Се разбира дека би искреирале нешто и за нив еден ден, независно дали тоа ќе биде самостојна, или, пак, дел од една поголема колекција. Меѓутоа, она што ни е во преден план е модна линија за девојчиња, бидејќи веќе имаме модел. И двомесечната ќерка на Ива исто така е дел од брендот! Во блиска иднина следи селење на брендот на нова локација во Скопје и нормално подготовки на нова колекција. Остануваме верни на идејата и продолжуваме да создаваме нешто убаво. (Л.С.)

Фото: Моден Викенд-Скопје