Три пати поголема помош и 777 станови, ветува СДСМ во социјалната програма


До крајот на следниот мандат, социјалната помош која сега е поголема за 300 проценти, ќе се прошири и ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65.000 деца ќе примаат детски додаток, најави денес претседателот на СДСМ, Зоран Заев промовирајќи ја социјалната програма на партијата за предвремените парламентарни избори.

Тој додаде дека до 2024 година, со предучилишно образование ќе бидат опфатени 60 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години, со што 10.000 деца ќе добијат современи услови за квалитетен раст и развој.

„Ќе ги ослободиме од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи“, рече Заев.

Тој додаде дека во следниот мандат ќе бидат изградени 777 социјални станови за најранливите семејства и за младите брачни парови. За 30 отсто ќе бидат зголемени финансиските средства за преквалификација, тренинг и проактивно едуцирање со цел полесно наоѓање на вработување.

„Согласно новата програма, додатоците за сите права за попреченост ги зголемуваме за 15 отсто во 2021 година. Дополнително, ја намалуваме границата за користење на правото за попреченост од 26 на 18 години, односно досега овие права ги користеа граѓаните со попреченост со над 26 години старост, а во иднина ќе се користат откако ќе навршат 18 години.

Исто така, тој се обврза до 2024 година да нема ниту една јавна институција без пристапна рампа на својот влез.

Предвидено е и отворање на три домови за стари лица во Скопје, Кочани и Пробиштип, како и 10 нови центри за активно и здраво стареење и услуга за помош и нега во домот во 65 општини.

Заев вети и построга, темелна и редовна контрола на работното време и на работничките правам, а недела да биде неработен ден за сите. Тој исто така нагласи дека минималната плата до крајот на мандатот ќе достигне 18.000 денари.

„Нема напредок во едно општество ако нема грижа за сите“, рече Заев.