Три пати дневно ќе се собира смет


Во ЈП Комунална хигиена-Скопје од денеска ќе функционира Кризен штаб од каде што ќе се координираат оперативните активности на Препријатието во рамките на новонастанатата состојба поврзана со ширењето на вирусот Ковид-19.

„ Главна цел на формирањето на Кризниот штаб е и во овие вонредни околности екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје да продолжат континуирано да го собираат и транспортираат комуналниот отпад во три смени, секој ден во неделата, што е од особено значење за нормалното функционирање на градот Скопје и намалувањето на ризикот за проширување на вирусот Ковид-19.

Во пресрет на последните случувања, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведуваат низа акции со цел хигиената и чистотата на јавните површини да се подигне на највисокото можно ниво, а обемот на нашите активности е речиси двојно зголемен. Само во текот на изминатава недела извршивме дезинфекција на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и на Старата скопска чаршија. Континуирано се дезинфицираат и сите садови за собирање на отпадот вклучително со нивните микролокации, додека екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно со автоцистерни ги мијат улиците во сите скопски општини. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат термините за одлагање наведени на контејнерите и отпадот да го одлагаат исклучиво во поставените садови, со цел да се намали можноста за создавање диви депонии.“ – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Проблемите поврзани со подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад, граѓаните може да ги пријават на телефонските броеви  3216 644 и 0800 222 33, од понеделник до сабота од  09 до 19 часот и во недела од 09 до 14 часот.