Tри лица загинаа, а неколку се повредени при напад со нож во Ница


Вооружен маж со нож, уби три лица и повреди неколку други лица во црквата Нотр-Дам во Ница, пред да биде уапсен, јави дописникот на МИА.

Веќе нема сомневање дека станува збор за терористички напад, бидејќи истрагата веднаш му беше доверена на антитерористичкото обвинителство од Париз.

Нападот со нож се случил денеска во девет часот наутро во близина на базиликата Нотр Дам во Ница. Според најновиот извештај, има тројца загинати, меѓу кои чуварот на црквата и неколку повредени.

„Нападот се случил во внатрешноста на оваа црква, лоцирана во срцето на градот Ница“, детално објасни Ерик Сиоти, пратеник од Алпите. Околу црквата лоцирана во центарот на градот е воспоставен безбедносен периметар.

Терористот бил набрзо уапсен во црквата од националната и општинската полиција. Повреден за време на апсењето, тој бил пренесен во болница.

„Во моментот не знаеме ништо за неговиот профил, наводниот сторител се „нашминкал“ пред да премине во нападот“, прецизира Лоран Мартин де Фремонт, од синдикатот на полицијата.

Откако напаѓачот бил ставен на носила за да биде пренесен во болница, со оглед дека имал престрелна рана, тој извикувал „Алах е голем“, изјави градоначалникот на Ница.

Според градоначалникот на Ница, Кристиан Естрози, кој зборуваше за „исламистички фашизам“ двете од жртвите биле внатре во црквата убиени на најгрозен начин, третата жртва надвор од црквата. Во меѓувреме специјалните полициски единици ја проверуваат внатрешноста на црквата во потрага на евентуални експлозивна направи

Овој напад се случи во позадина на особено голема терористичка закана, по нападот во близина на поранешните простории на Шарли Ебдо и атентатот врз Самуел Пати, професор по историја и географија во Конфлан-Сант-Онорин. На почетокот на неделата, генералниот директор на националната полиција ги повика своите припадници да бидат претпазливи, укажувајќи на телеграмата упатена до директоратите и централните служби дека „Франција е цел на висока и постојана терористичка закана“.

Оваа закана се повтори во вторникот во соопштението за печатот од агенцијата Табат, блиска до организацијата Ал-Каеда, која го осуди објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед.

Базиликата Нотр-Дам се наоѓа на авенијата Жан Медцин, во центарот на градот Ница. Градот беше сцена на особено смртоносен напад на 14 јули 2016 година, кога при напад со камион беа убиени 86 лица.