Три јавни објекти во Кочани ќе добијат фотоволтаични системи за снабдување со струја


 Станицата за пречистување на водата за пиење, средното училиште „Гошо Викентиев“ и основното училиште „Никола Карев“ од Кочани ќе добијат фотоволтаични системи за снабдување со електрична енергија со вкупна моќност од 277,5 киловатчасови.

Инвестицијата е дел од проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источен плански регион“, чиј носител е Центарот за развој на Источниот плански регион, а градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов денеска го потпиша договорот со компанијата „ТМ“ од Штип која е изведувач на работите.

– Филтер станицата ќе добие фотонапонска централа со моќност од 210 киловати, СОУ „Гошо Викентиев“од 27,5 киловати и ОУ „Никола Карев“ од 40 киловати. Вкупната вредност на проектот, во кој се вклучени пет општини од Источниот плански регион, изнесува над 13,7 милиони денари со вклучен ДДВ, од кои 90 отсто се обезбедени од државниот буџет преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година, со индикативно планирани средства за 2024 година. Остатокот од 1,3 милиони денари ќе ги обезбедат општините од сопствените буџет, како крајни корисници на резултатите на проектот, истакнаа од Општина Кочани.

Кофинансирањето од буџетот на Општина Кочани, согласно донесената одлука за обезбедување на сопствено учество за проектот e во износ од над 261 илјада денари.

Во проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источен плански регион“ се вклучени и јавни објекти во општините Штип, Карбинци, Виница и Македонска Каменица.