Три години затвор за сообраќајката во која загина малиот Давид


Три години затвор доби жената која пред четири години со автомобил го прегази дванаесетгодишниот Давид Ангелевски кај Градскиот парк во Скопје, на улицата „Илинденска“.

Таа е осудена за кривично дело, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Пресудата беше објавена денеска, а како што соопштуваат од Кривичен суд, во текот на постапката биле изведени шест вештачења.

„Судот смета дека оваа пресуда треба да одекне во јавноста како предупредување за зголемено внимание и почитување на Законите, како и правилата и прописите за безбедност во сообраќајот кај сите учесници“, е пораката од судот при изрекувањето на пресудата.

Против оваа пресуда странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Малиот Давид  на 18 септември 2015- та година беше удрен од автомобил “Фиат Пунто” поминувајќи на пешачки премин со својот велосипед, додека на семафорите на раскрсницата не работеле, односно трепкале жолтите светла.