Три дена Моден викенд во Скопје : Десет години заедно – приказната продолжува


Дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување ќе се одржи викендов во Музејот на град Скопје приклучувајќи се кон прославата на 70. јубилеј на овој монументален објект во метрополата.

Под слоганот „Десет години заедно – приказната продолжува“, Моден викенд Скопје ќе навлезе во втората декада од своето постоење.

Честа да го отвори дваесеттото издание на настанот вечерва, во 19 часот ѝ припадна на дизајнерката Ирина Тошева, која го држи рекордот по број на учества во изминатите десет години.

Стартот на викендот ќе го означи зимската колекција REM со нејзин потпис, чиј појдовен мотив е ликовното творештво и надреализмот. Изработката е со еколошки материјали од банана и пченка, како алтернатива за памукот. Таа е дел од поддржаните проекти од национален интерес за 2019 година од Министерството за култура.

По неа следуваат ревиските презентации на Кренаре Ругова, добро позната и секогаш добредојдена гостинка од Косово, како и брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци „Сигма џулери“. За обожавателите на концептуалинот дизајн, пак, наградуваната платформа „Иван Асен 22“ од Софија, ќе приреди спектакуларно визуелно доживување, со мултимедијален приказ на инсталацијата „+7 hours“.

Вториот ден (сабота) сите патишта водат најпрво кон Железничката станица, од каде што перспективната Теодора Митровска во 18, 30 часот ќе ги испрати посетителите на модно патување низ минатото, во соработка со брендот за обувки „Артурс шус“. Креациите инспирирани од времето на стара Југославија, со нови текстилни техники и неконвенционални материјали, носталгично ќе оживеат низ сценско шоу во синиот воз на Јосип Броз Тито. Колекцијата е машка, со тенденција да ги урне родовите бариери.

Програмата во Музејот на град Скопје продолжува со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд „Џар и Џам“, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух. Од друга страна, модната визија на младата дизајнерка Зана Алиу е оваа сезона да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното.

Првите чекори на домашната сцена вечерта ќе ги направи Мила Спасовска под етикетата „Јамуна“, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Потоа на модната писта ќе се одигра заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“, кои научија различни техники на плетење и истите ги преведоа на модерен начин во нивните дизајни. Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, занаетчиството повторно оживува кај младите.

Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, третиот ден ( в недела) ќе посведочат и студентите од Академијата за моден дизајн во склоп на „Џолев и уметностите“ и „Сивус едукативен и развоен центар“, преку групна ревија во 19 часот во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Наталија Терзија премиерно ќе ја промовира линијата за „спорт-глам“ облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Како претпоследна, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ќе ја прикаже и Сара Реџиќ. Крајот е резервиран за колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Georgieva“.

Организатор на Моден викенд Скопје е Света Богова- Јовановска. (Л.С.)