Три дена „Макфест 2019“ во Штип


Шаренолик фестивал од секој аспект, од возраст на изведувачи, на автори, жанрови на музика за сите вкусови и генерации, од класичен шлагер, до фанк, поп, рок, електро поп, ар-ен-би, најави на прес конференција во Скопје, уметничкиот директор на фестивалот на музика „Макфест 2019“, Владимир Дојчиновски.

На 34. издание на „Макфест“ што почнува денес и ќе трае до сабота во Штип, ќе се изведат 30 композиции. Меѓу изведувачите, како што соопшти Дојчиновски, ќе биде и групата „Фрајле“ кои ќе пеат на македонски и за кои вели дека во моментов се регионален хит. Во финалето ќе влезат 20 композиции, а Дојчиновски посочи дека можеби ќе има простор за уште две композиции.

Најдобрата од нив ќе биде наградена со 5.000 евра, второпласираната со 3.000 и третопласираната со 1.000 евра. Четирите технички награди ќе изнесуваат по 500 евра, со што вкупниот награден фонд за оваа година изнесува 11.000 евра.

На првата полуфинална веќер ќе настапат: Мартинијан Кириловски со песната „Стопати на ден“, Мартина со „Зрак“, Трајче Георгиев „Си одиш ти“, Марија Груевска,  Акустик Дивижн „Магија“, Ивана Бизо „Знам“, Мина Блажев „Не можам без тебе“, Виктор Апостоловски „Оди си“, Александар Митевски и Драган Спасов Дац „Уште ми фалиш“, Огнен Здравковски и Зоран Џорлев „Светот нека застане“, Игор Узунов „Ранет херој“, Здравка Мирчевска „Нема утре“, Мартија Станојковиќ „Возбуда и љубов“, Наташа Малинкова „Што ли да направам“ и Кентаур „Допир нежен и мил“.

На втората, пак, ќе настапат: Даниел Дан – „Завртив круг“, Филип Јордановски и Емилија Гиевска – „Вечно заедно“, Елена Наумова – „Крај“, Дексо&Принц – „Фанк“, Симона Поповска – „Љуби ме“, Фрајле – „Не и признавај“, група Екстраваганса – „Како странец“ , Елена Петреска – „Без дилема“, Лара – „Кој те учи така“, Росана Сариќ Тодоровска – „Спомени“, Јасмин Лопез – „Врела крв кубанска“, Коки и тајфата – „Бела ајта“, Барбара – „Во срцето“, Игор Шарески – „Без тебе“ и Славица Ангелова – „Љубовта не боли“.

Организатор на фестивалот е Општина Штип, со поддршка од Министерството за култура. И годинава, за преносот е задолжена МРТВ.