Три децении Комисија за хартии од вредност: Финансискиот систем успешно одговори на кризата


Финансискиот систем успешно одговори на заканите од ковид-кризата и е подготвен да се справи и со натамошни предизвици, истакна премиерот Димитар Ковачевски на одбележувањето на јубилејот – 30 години од основањето на Комисијата за хартии од вредност. Тој посочи дека финансиските регулатори, меѓу кои и КХВ, внимателно ги следеа состојбите, ги приспособуваа своите политики и учествуваа во одржувањето на финансиската стабилност.

„Дури и во такви услови македонскиот пазар на капитал го одржа континуираниот раст. Според извештаите за минатата година прометот на берзата за првите осум месеци беше повисок за 41,05% отсто во однос на оној реализиран во истиот период во 2020 година. И МБИ 10 индексот во тој период бележи постојан раст од 24,12 отсто“, рече Ковачевски.

Оваа година, како во сите земји во светот глобално, војната во Украина предизвика одредени негативни трендови на берзите, но поради малиот обем на тргување со хартии од вредност од руски компании, немаше посериозно негативно влијание на тргувањето со акции на Македонската берза.

Заради неизвесноста од текот на војната, се очекува оваа тема да продолжи да биде од интерес и соодветно на тоа за одбележување е определбата на Комисијата за хартии од вредност да продолжи будно и со внимание да ги следи и анализира пазарните состојби и, доколку е потребно, да ги презема сите неопходни мерки за нормално и тековно функционирање на пазарот на капитал, посочи премиерот.

„Од своја страна Владата, за амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, издвои речиси 615 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и за финансиска поддршка и ликвидност на компаниите преку Развојната банка. Претходно беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, се сочуваа над 80.000 работни места и беа поддржани над 20.000 компании. Во текот на претстојниот период предвидуваме нов пакет антикризни мерки вреден близу 80 милиони евра и тој во овој момент е предмет на анализа и на подготовки на соодветните Министерства затоа што тие мерки треба да бидат таргетирани и да бидат насочени кон најранливите категории граѓани“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека влогот во стандардот на граѓаните е врвен приоритет, особено во услови на огромна економска криза и Владата ќе продолжи финансиски да ги поддржува граѓаните и компаниите.

„Паралелно со овие интервентни мерки за справување со економската криза, Владата, заедно со останатите клучни регулатори на финансискиот сектор во нашата земја продолжува со стратегиски пристап за обезбедување на стабилен и одржлив финансиски систем“, рече Ковачевски.

Владата целосно ја прифати и преку Министерството за финансии активно учествува во креирањето на Стратегија за финтек-секторот.

Една од целите на оваа стратегија, во која учествува и Комисијата за хартии од вредност, е воспоставување високо координиран институционален систем за поддршка на развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем што е од големо значење за јакнењето на економијата.

„Уште еднаш ќе ја нагласам потребата од натамошно одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, отпорен и флексибилен на брзите промени од окружувањето, којшто функционира во најдобар интерес за граѓаните и целокупната економија.

Во тој систем своја интегрална улога има и Комисијата за хартии од вредност која денеска го одбележува својот значаен јубилеј – 30 години од постоењето, и која денеска се препознава како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет“, рече премиерот Ковачевски.

Инаку, Комисијата за хартии од вредност е основана на 19 јуни 1992 година со одлука на Владата на Република Македонија. Денес, 30 години подоцна, Комисијата за хартии од вредност е самостојно и независно регулаторно тело кое успешно ја остварува својата мисија: Да ги заштити инвеститорите; Да се грижи за создавање и одржување на фер, сигурен, транспарентен и ефикасен пазар на хартии од вредност и да го олесни привлекувањето на капитал со што придонесува кон економскиот раст и развој на државата.