Тргувањето со акциите на НИС замрзнато на неопределено време
Српската комисија за хартии од вредност ја продолжи забраната за тргување со акции на Нафтената индустрија на Србија (НИС) на неопределен период, потврди Марко Јанковиќ, директор на таа државна институција.
Како што истакна за Курир, ваквата одлука е донесена врз основа на европската пракса во слични ситуации.
– Сите ги следевме вестите за воведување санкции против нафтените компании, вклучително и НИС, од страна на Министерството за финансии на САД. Во суштина, самите ја анализиравме ситуацијата уште пред одлуката на Белградската берза. Разгледавме и некоја компаративна европска практика во слични ситуации, каде што сите енергетски компании кои беа поврзани со Русија, имено Гаспром, ги „симнаа“ своите акции од берзата. Нашата намера не беше да одиме по тој пат и да бидеме толку екстремни, пред се поради заштита на интересите на инвеститорите на српскиот пазар. Она што ја иницираше нашата одлука беше одлуката на Белградската берза привремено да го прекине тргувањето со акциите на НИС – вели Јанковиќ.
Тој додава дека она што е важно за сите инвеститори е дека нивните акции во НИС денес да вредат исто како и во времето кога беше воведена забраната за тргување.
-Главната цел е да се спречат какви било шпекулации во врска со тргувањето, што најмногу би ги погодило малите акционери, бидејќи тие не можат да реагираат на ваквите нарушувања. Тие не можат да влијаат на цената и најмногу ги трпат последиците од пореметувања на пазарот – вели Јанковиќ.
Тој посочува дека комисијата ја ограничила и можноста за тргување со акции на НИС на пазар преку шалтер, односно купување и продавање на билатерална основа надвор од берзата преку Централниот регистар.
Според него, времетраењето на забраната ќе зависи од тоа како новата американска администрација ќе пристапи кон санкциите против НИС и други компании.
– Во случај да се трајни, ми се чини дека мора да се најде стратешко решение бидејќи би го отежнале работењето на компанијата. И покрај сите напори што ги прави државата да го зачува нормалното функционирање на компанијата, треба да се внимава банкарскиот сектор пред се да ја следи листата на компании на кои САД им воведуваат санкции – нагласува Јанковиќ за Курир.
За потсетување, на 14 јануари, Белградската берза одлучи да го прекине тргувањето со акциите на НИС до 28 јануари, по најавата на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД дека на 10-ти. јануари воведе санкции за српската нафтена компанија.