Трговската размена со Германија со рекордно зголемување


Статистиката за трговска размена покажува дека размената помеѓу Германија и Северна Македонија во 2021 година повторно значително се зголемила и го достигнала своето рекордното ниво.

Во 2021 година помеѓу двете земји беше остварена трговска размена во вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со минатата година.
Извозот од Северна Македонија кон Германија во 2021 година се зголемил за 24,8 отсто во споредба со 2020 година, додека увозот од Германија во Северна Македонија се искачи од 1 милијарда евра на 1,2 милијарди евра, што претставува раст од 20,6 проценти, објави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

Изминатите години донесоа голем број на значајни промени во енергетскиот сектор. Темата обновливи извори на енергија добива сè поголемо значење во Северна Македонија.
Домаќинствата, малите потрошувачи, како и индивидуалните корисници во земјата имаат право да постават фотоволтаични панели за производство на електрична енергија за сопствени потреби. Вишокот на електрична енергија произведена од овие фотоволтаични системи може да се пренесе во електродистрибутивната мрежа, при што корисникот на енергијата е истовремено и производител и корисник на електрична енергија.

Фотоволтаични системи со инсталирана моќност до 1 MW може да се поставуваат на покриви по добивање на одобрение од општина- овој процес е многу поедноставен отколку добивање градежна дозвола.

Постапката опфаќа доставување на извод од урбанистичкиот план или имотниот лист, ревидиран проект, договор со сопственикот на објектот, лиценца во зависност од капацитетот и согласност од Агенцијата за цивилно воздухопловство, во зависност од висината на панелите.
Оваа одредба не ги опфаќа инвеститорите во Техничко-Индустриските Развојни Зони (ТИРЗ). Затоа е пожелно прилагодување на законската одредба која важи за ТИРЗ. Треба да се разјасни како инвеститорите во ТИРЗ можат да аплицираат за добивање дозвола за поставување на фотоволтаични модули на крововите на своите производни капацитети со цел производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка.

Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија енормно придонесува кон зголемување на заштитата на животната средина и се вклопува во стратегијата за развој на енергетскиот сектор на Северна Македонија со која се стреми кон што поголемо производство на енергија од обновливи извори на енергија.

Во тек се извесни промени во регулативите кои ќе овозможат поедноставување на постапките за инсталација на кровни панели и зголемување на капацитетот на инсталирана моќност на овие производни капацитети.