Трговци: Половната облека од ЕУ е извор на приход за Кенија


Ограничувањет9о на извозот на половна облека од Европската Унија може да му наштети на кенискиот сектор за малопродажба на облека, кој вработува два милиони граѓани, предупреди претставник на трговеците со облека.

ЕУ извезла 1,4 милиони тони користен текстил во 2022 година, што е повеќе од двојно од 2000 година, според трговските податоци на Обединетите нации (ОН).

Предлогот на Франција
Франција пред десетина дена предложи ЕУ да го забрани извозот на користена облека, со образложение дека може да ја загади животната средина во земјите увозници доколку не може да се препродаде и заврши на депонии.

Данска и Шведска се приклучија на француската иницијатива, барајќи од ЕУ да ја примени Базелската конвенција и да го забрани извозот на опасен текстилен отпад. Тие сметаат дека извозниците треба да побараат дозвола од земјата увозник пред да го транспортираат текстилниот отпад.

„Извозот на текстилен отпад од ЕУ во земјите во развој предизвикува големи еколошки, социјални и здравствени проблеми. ЕУ мора да стави крај на оваа практика“, рече заменик постојаниот претставник на Данска во ЕУ, Сорен Јакобсен на состанокот на Советот за животна средина, вчера во Брисел.

Трговците во Кенија предупредуваат на штетните последици од овој потег
Целта на вклучувањето на користената облека во Базелската конвенција би била да се намали или дури да се запре извозот на користена облека од ЕУ и да се промовира системот за рециклирање текстил во рамките на ЕУ, изјави заменик постојаниот претставник на Франција во ЕУ, Сирил Пикемал.

Кениските трговци предупредуваат на штетните последици од овој потег. Увозот на користена облека поддржува егзистенција и носи даночни приходи во кенискиот буџет, нагласи во интервју за Ројтерс претседателката на здружението Митумба конзорциум од Кенија, Тересија Ваириму Њенга, отфрлајќи ги тврдењата дека многу неупотреблива облека се увезува и завршува на депонии.

„Никој не нѐ тера да купуваме ѓубре, ние купуваме квалитетна облека, а доколку добавувачот се обиде да ни продаде ѓубре, ние категорично ќе ја одбиеме неговата пратка“, рече Њенга.

Гана, Сенегал и Јужна Африка во групата на големи африкански увозници на користена облека
Кенија увезла 177.386 тони користена облека во 2022 година, што е за 76 отсто повеќе од 2013 година, според трговските податоци на ОН. Во групата на големи африкански увозници на користена облека спаѓаат и Гана, Сенегал и Јужна Африка, покажуваат податоците.

Истражувањето нарачано од здружението и спроведено во септември минатата година покажа, врз основа на 120 интервјуа со увозници на користена облека во Најроби, дека приближно еден до два отсто од увезените бали користена облека завршуваат како отпад.