Третпат екоакцијата „Да оставиме пример, не ѓубре“ – сите го чистат Скопје
– Да оставиме пример, не ѓубре – продолжува најголемата екоакција досега, напиша скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговата Фејсбук-страница.
– Силата на Скопје е во неговите луѓе. Во оние што ќе излезат од својот дом за да го направат поубав и заедничкиот. Во рацете што чистат, во свеста што се буди, во решителноста да оставиме нешто добро зад себе – порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека денеска во 10 часот, се продолжува со најголемата еко-акција досега.
– Илјадници волонтери, во сите скопски општини, повторно ќе се обединат за почист, поубав и поздрав град. На повеќе од 50 локации ќе чистиме паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите. Ќе бидеме таму каде што секојдневно се одвива животот, каде што се среќаваме со соседите, каде што ги носиме децата на прошетка, каде што сакаме да седнеме и да уживаме во своето маало. Со нас ќе бидат општините и градоначалниците, учениците, волонтерите и сограѓаните од сите генерации и професии – додаде Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека секој придонес е важен.
– Секој пар вредни раце значи уште едно почисто катче во нашиот град. Затоа, ве повикувам, да ја претвориме желбата за поубаво Скопје во заедничка работа што ќе се гледа во секое маало. За точните локации и начинот на приклучување, информирајте се во вашата општина. Ќе продолжиме со истата енергија и упорност, сѐ додека грижата за заедничкиот простор не стане навика што секојдневно ја живееме – додаде градоначалникот.
Во објавата на Фејсбук се додава дека како институции, се има обврска да обезбедат ред и редовно одржување на чистотата. Како граѓани, се истакнува, сите имаме одговорност да го чуваме својот град.
– А, секој што несовесно фрла отпад и создава депонии мора да понесе одговорност за своите постапки. Нечија неодговорност не смее да го поништува трудот на илјадници луѓе. Верувам во Скопје, затоа што верувам во скопјани и во силата да се обединиме. Таа сила веќе ја покажавме – додаде градоначалникот.
Ѓорѓиевски порача дека денеска ќе ја претворат во дела.
– Се гледаме во 10 часот. Со засукани ракави и со срце за Скопје. Зад нас нека останат чисти маала и пример што ќе го следат генерации. Да оставиме пример, не ѓубре – порача Ѓорѓиевски.