Третото враќање на кралот Томислав меѓу Хрватите

Хрватска во 2025 државно ќе ја одбележи 1100-годишнината од крунисувањето на кралот Томислав со што треба целосно да се оддалечи од идејата на републиканизмот


Веста која остана во сенка на брзото распуштање на хрватскиот Сабор за потребите на што побрзи избори во терминот кој најмногу ѝ одговара на владејачката ХДЗ, е дека и собранието попатно донесе одлука дека следната 2025 г. , официјално ќе биде означена како „1100. годишнина од Кралството Хрватска“.

И така, требаше да поминат точно триесет и пет години од доаѓањето на ХДЗ на власт и една година помалку од независноста и излезот од социјалистичка Југославија и триесет години од крајот на војната по која таа стана дефинитивно и несомнено независна држава, за Хрватска уште еднаш да се почувствува несигурна во таа независност и да посегне не само по глорификацијата на средниот век и кралот Томислав, туку и по формулата што првпат се користеше за време на Кралството СХС, а спонзорирана од Александар Караѓорѓевиќ.

Затоа, читајќи ја оваа вест, првото нешто на што помислив е дека е штета што повеќе ги нема „Ферал трибјун“ и култната рубрика Shit of the week, бидејќи конкуренцијата за таа титула минатата недела ќе беше страшна. Од една страна, одраз на несигурност, од друга страна националистички кич, на трета на целосна митоманија и на четврта на доминација и грандоманија, а потенцијално од петта како одраз на жалост за пропуштената просторна големина на кралството на Томислав, што е исто како жалење за империјата на Душан или за Босна на Твртко, оваа доста сериозна дискусија за официјалното одбележување на 1100-годишнината од Кралството Хрватска, на крајот ја претставува последната шајка во ковчегот на идејата за републиканизам, кој никогаш не била подалечена од денес. И го остава прашањето, зарем со тоа не може да се задоволи ниту Хрватска, која е можеби единствената која несомнено ги постигна сите свои национални, па и националистички цели и создаде држава точно по мерка на просечниот хадеезовец, па ни со тоа не може да биде задоволен па посегнува по средновековното кралство? Ако е тоа така, а судејќи според масовната парламентарна поддршка за оваа идеја, навистина е така, тогаш можам само да заклучам дека идејата за републиката претставуваше само краткотрајна историска модернизациска епизода што за која се изборија партизаните, по што остана само името т.е. празна школка, на ист начин на кој од социјалистичка Хрватска останаа само границите и неколку зборови во преамбулата на Уставот.

Пред дефинитивно да се вратам на темата, тука треба да се потсетиме на генијалниот и лежерен осврт на Џони Штулиќ за споменатата ера и проблематика на кралот Томислав, бидејќи неговото крунисување во 925 година беше проследено со полемика за седиштето на епархијата, која тогаш од Нин, по два црковни собори во Сплит, се префрли во Сплит, кои го означија поразот на Гргур Нински, подоцна издигнуван од Кралството Југославија и Иван Мештровиќ. Имено, во одговор на прашање дали е Србин или Хрват, Штулиќ, меѓу другото, рече дека со оглед на тоа што неговите се од Нин, ако каже дека е Хрват, веднаш би рекле дека е потомок на Гргур Нински, а тоа воопшто не би го сакал бидејќи загубил на собирот на месната заедница во Сплит во 928 година.

Значи, враќање на Хрватите кај Томислав, сега по трет пат. Првиот пат се случи во 1925 година, кога самото Кралство СХС, на чело со Александар, ја поддржа прославата на 1000 години од Кралството Хрватска како државен проект, во чии рамки еден од синовите на Александар доби име Томислав, а Дувно, близу кој според една од теориите бил крунисан Томислав го сменил името, како во чест на стариот крал, но формално во чест на новородениот истоимен син од семејството Караѓорѓевиќ. Иако оваа прослава првично во 1925 првично беше замислена како манифестација на интегративниот хрватски национализам, таа беше преземена и од Прибиќевиќ и од Александар во духот на идејата за национално единство и Томислав како обединувачки фактор. Но, за тезата за Томислав како лост за отстранување на републиканизмот може да послужи фактот што Стјепан Радиќ излезе од затвор во тоа време, ја плати таа слобода и коалицијата со Пашиќ и функцијата министер за образование, со откажување републиканската идеја и бришење на републиканското од името на партијата, со признавање на Видовденскиот устав.

Иако денес голем број луѓе во Хрватска и во регионите на Босна и Херцеговина каде што живееле значителен број Хрвати, генерално не знаат ништо за контекстот на прославата на 1000-тата година од Хрватското кралство, односно крунисувањето на кралот Томислав, во сите тие краишта сè уште има видливи и целосно зачувани спомен-плочи кои ја одбележуваат таа прослава и се поставени во 1925 година. Во историографијата, од таа ера останаа „Историјата на Хрватите во ерата на нараодните владетели“ на Фердo Шишиќ и големата комеморативна монографија на Јосип Хорват „Културата на Хрватите низ 1000 години“.

Интересно е што вториот пат Томислав беше искористен од комунистите, кои сега го читаа подеднакво во клучот на националното хрватско и на југословенското, всушност интегрирајќи два спротивставени ставови од 1925 година, додавајќи му ја идејата за републиканизам во поттекстот, бидејќи загрепскиот споменик на средновековниот споменик на крал од авторот Роберт Франгеш Михановиќ, иако почна да го прави во 1925 година, кога му е инсталиран и постаментот во јавниот простор, е поставен пред железничката станица дури во 1947 година. Односно, токму во времето на отстранувањето на споменикот на банот Јелачиќ од блискиот главен градски плоштад, и без релјефите и грбовите што беа првично замислени, и како контрапункт на задушувачот на револуцијата и царскиот генерал, како што комунистите го разбираа Јелачиќ.

И тука сме на третото и актуелно читање на Томислав, овојпат без можност Александар, Прибиќевиќ или Тито да го преземат наративот, во ситуација кога националистичката имагинација може да се разигра до крај. Па да видиме како Весна Бедековиќ во име на ХДЗ го толкува предлогот: „Целта е да се прикаже илјадагодишната борба на Хрватите за опстанок во областа каде што се среќаваат две цивилизации и се преклопуваат трите најголеми верски заедници во Европа, во областа, каде до вчера имаше граница меѓу Истокот и Западот, капитализмот и социјализмот, тоталитаризмот и демократијата“. За да нема дилеми, работата ја зацврсти до неодамна сплитскиот градоначалник Андро Крстуловиќ Опара, инаку историчар на уметност и поранешен директор на галеријата „Мештровиќ“ во Сплит, кој се осврна и на предлагачите, т.е. на Матица хрватска и Друштвото на хрватскиот змеј, но и на 1925 година: „Тоа се две институции кои биле светилници на културата низ вековите и никогаш не биле погодени од партиската политика. Непосредно пред комеморацијата во јуни 1925 година, Стипица Радиќ беше во затвор, излезе, победи на изборите и склучи пакт со Пашиќ, по што српските власти ја финансираа прославата. Дојде југословенски крал кој сонуваше да стане наследник на големиот крал Томислав. Секако, Хрватите тоа не го дозволија“.

Значи, уште еднаш ги имаме Хрватите како заштитници на христијанството и западот и антитоталитаризмот, кои треба да се обединат околу интегрирувачкиот крал, овојпат сами, не попречувани од никого, а најмалку одСрбите и комунистите, и на тој начин да заживее прекрасна историја која можеби сè уште е на дофат.

Без разлика што оваа идеја доаѓа и заминува како уште еден поен повеќе за десницата во изборната кампања, нејзините најинтересни моменти кои ќе останат засекогаш се во веќе споменатото бришење на републиканизмот и многу јасното сомневање дека можеби сегашната Хрватска не е конечното остварување на милениумските соништа, туку само на чекор кон враќање кон извориштата на кралството.

Што најдобро се гледа од планираната изложба која би ги вклучила „сите важни елементи на хрватската државност од првите хрватски владетели до 1918 година“.

Кога на крајот работите се сведуваат на суштинско значење, оваа прослава е чист антијугословенски чин, во чии рамки и денешна Хрватска, дури и ако предлагачите целосно не го сфатиле ова концептуално, се гледа во контекст на југословенското наследство кое треба да биде отфрлено, заедно со модернизмот и републиканизмот.

(Драган Марковина е хрватски историчар. Текстот е објавен во „Пешчаник“.)