Трето издание на мултимедијалната културна манифестација „Кокино– Тврдина на сонцето“


На локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино, од денеска до 19 септември ќе се одржува третото издание на мултимедијалната културна манифестација „КОКИНО – Тврдина на сонцето“, уникатниот фестивал кој годинава прв пат е организиран со тридневна програма.

Во рамки на перформативната програма на „Кокино – Тврдина на Сонцето“ ќе се одржат повеќе од 20 настапи на реномирани уметници од македонската сцена, вклучувајќи ги и концертите на: „Љубојна“, Дина Јашари, Тони Китановски, „Фулиш грин“, Драган и Ратко Даутовски, „Перија“, Сашо Гигов Гиш, „Сетстат“, „Летечки Пекинезери“, Џенгиз Ибрахим, „Чалгија Саунд Систем“, „21 Век“, „Тока Шитет“, Јон Ајди, диџејските сетови на Горан Кан, Флудер, Чарли и уште многу други музички изведувачи.

Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кино-проекции, но и едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, стрип изложба, ракотворби – сѐ од КОКИНО: Тврдина на Сонцето. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес.

Мноштвото активности и перформанси кои сред магичниот природен амбиент во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија, како што е најавено, ќе ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво.