Третманот што Трамп го промовираше како „лек“ за Ковид-19 беше развиен со употреба на клетки од фетално ткиво
Коктелот со антитела за Ковид-19 што претседателот Трамп го промовираше во средата попладне беше развиен со клетки првично добиени од фетално ткиво, практика што неговата администрација ја ограничуваше.
Во јуни 2019 година, администрацијата на Трамп го суспендираше федералното финансирање за повеќето нови научни истражувања кои вклучуваат фетално ткиво добиено од абортуси.
„Промовирањето на достоинството на човечкиот живот од зачнување до природна смрт е еден од најважните приоритети на администрацијата на претседателот Трамп“, рече Министерството за здравство и човечки услуги во изјавата во 2019 година, во време на забраната.
„Интрамурално истражување што бара ново стекнување на фетално ткиво од изборни абортуси нема да се спроведе“, стоеше во соопштението.
Трамп минатата недела го прими коктелот со моноклонални антитела на „Регенерон“ – во суштина, антитела синтетизирани во живи клетки и администрирани за да му помогнат на телото да се бори против инфекцијата.
За да ги развие антителата, „Регенерон“ се потпре на 293T, клеточна линија добиена од бубрежно ткиво на абортиран фетус во 1970-тите. Најмалку две компании кои се натпреваруваат за производство на вакцини против корона вирусот, „Модерна“ и „АстраЗенека“, исто така ја користат клеточната линија.
„Ремдесивир“, антивирусен лек што го прими Трамп, исто така беше тестиран со употреба на овие клетки.
„293T се користеа при тестирање на способноста на антителата да го неутрализираат вирусот“, рече Александра Боуви, портпарол на „Регенерон“. „Тие не беа користени на кој било друг начин, а ткивото на фетусот не беше користено во истражувањето“.
На видеото објавено во средата, Трамп го пофали третманот на „Регенерон“, нарекувајќи го „лек“ за Ковид-19 и ветувајќи дека ќе го обезбеди бесплатно на секој пациент кому му треба. Компанијата во средата соопшти дека поднела барање до Администрацијата за храна и лекови за одобрување за употреба во итни случаи.
Научниците забележаа дека испитувањата на коктелот со антитела се далеку од завршени и дека Трамп зема разни лекови што можеби објаснува зошто тој рече дека се чувствува подобро.
Д-р Ентони Фаучи, водечки експерт за заразни болести во земјата, рече дека Трамп можеби е во право дека третманот што го добил му помогнал во борбата со Ковид-19 – но и дека само неговиот случај не го докажува тоа.
„Мислам дека е разумно добра шансата антителата што ги доби, антителата ‘Регенерон’, да направат значителна разлика на позитивен начин кај него“, рече д-р Фаучи, кој не е вклучен во грижата на претседателот.
Тој се спротивстави на тврдењето на Трамп дека третманот сега се покажа како „лек“ за болеста, која досега уби повеќе од 210.000 Американци.
Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Во јули, Меѓународното друштво за истражување на матични клетки испрати писмо до Советодавниот одбор за етика во истражувањето на ткивата од фетуси при Националниот институт за здравство, со кое го повика одборот да дозволи феталното ткиво да се користи за развој на третмани за Ковид-19 и за други болести.
„Феталното ткиво има уникатни и вредни својства кои често не можат да бидат заменети со други типови на клетки“, се вели во писмото.
Во август, одборот отфрли 13 од 14 предлози што вклучуваат фетално ткиво. Одобрениот предлог се потпираше на веќе стекнатото ткиво. (Њујорк тајмс)