Третиот пакет економски мерки ќе тежи половина милијарда

Фото: Б. Грданоски

Купување домашни производи, посета на домашни туристички капацитети, унапредување на ИТ секторот и земјоделството преку градење откупни пунктови, предвидува третиот пакет економски мерки кој го најави лидерот на владеачката СДСМ Зоран Заев, за кои рече дека се димензионирани над 500 милиони евра помош за граѓаните.

Тој посочи дека новиот пакет за кој Владата треба да ја утврди неговата реализација има три димензии.

– Првата е да ја стимулираме приватната потрошувачка. Ќе насочиме средства директно кон граѓаните, точно кон одредени категории граѓании за да ги потрошат тие пари, со што ќе купуваат домашни производи, ќе посетат домашни туристички капацитети и тоа треба да се случи летово. Зборуваме за износ од десетици па и до 100 милиони евра, зависи од буџетските можности и одлуката на Владата, посочи Заев.

Втората димензија, додаде тој, е насочена кон јавната потрошувачка.

– Ќе стартуваат проекти кои беа планирани за 2021 или 2022 година. Се работи за водоводи, патишта, канализации, гасификацијата, железници, училишта и градинки. Се за што има проект ќе се стави на лента и на тој начин ќе го активираме градежништвото, а тоа носи и придвижува 72 други гранки со него, појасни Заев.

Во однос на третата димензија, тој истакна дека таа се однесува на компаративната предност на македонската економија.

– Можеме многу да смениме од оваа криза, да ги унапредиме ИТ секторот и дигитализацијата, да го унапредиме земјоделството преку градење на откупни пунктови, нови дејности и одгледување на нови култури кои имаат побарувачка на пазарот, рече Заев.

Тој посочи дека на тој начин, преку пуштање на пари во оптек граѓаните ќе ја помогнат домашната економија.

– Ова ќе биде сериозен придонес за економијата. Овој пакет мерки, трет пакет, до крајот на годината ќе внесе 500 милиони евра во економијата, со средствата од првиот и вториот пакет тоа е околу 1 милијарда евра, што е околу 10 отсто од бруто домашниот производ, заклучи Заев.

Паралелно со овие информации од Заев во Владата се одржа состанок на премиерот Оливер Спасовски и повеќе министри главно од економските ресори со членовите на Економскиот совет, експерти, гувернерката на Народната банка , претставници на коморите и синдикални претставници.На состанокот е разговарано за третиот сет економски мерки што е предвидено да ги донесе Владата о кој според Спасовски ќе значи поддршка и на граѓаните и стопанството.

Разменетите мислења, сугестии, предлози околу новите мерки како државна помош во економијата, како што е најавено, ќе бидат земени предвид при финализирањето на новиот сет економски мерки.