Трета ноќ по ред Киев нападнат со дронови, има настрадани
Најмалку едно лице загина, а неколку луѓе се повредени во нападот со дронови врз Киев, соопштија властите.
Околу десетина беспилотни летала од иранско производство беа соборени над воздушниот простор на градот, се вели во соопштението.
Тоа беше трета ноќ последователни напади врз главниот град, само неколку часа по завршувањето на самитот на НАТО во Литванија.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека телото на загинатиот човек било пронајдено кога службите за итни случаи го изгаснале пожарот во Подил, историски дел од главниот град на Украина.
Министерството за внатрешни работи на Украина извести за уште две жртви во Киев како резултат на напади со беспилотни летала.
Тие се убиени од шрапнели, соопшти полицијата.
Официјалните претставници на НАТО потврдија дека Украина може да се приклучи на алијансата „кога сојузниците ќе се договорат и ќе се исполнат условите“, а американскиот претседател Џо Бајден потврди целосна поддршка за оваа земја, како и воена помош.
Членките на НАТО најавија дека ја препознаваат потребата за побрзо движење, но не сакаа да постават временска рамка за членството на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше „апсурдното“ одложување на одлуката, но подоцна рече дека НАТО ѝ дал силен сигнал на Русија дека неговата земја ќе биде независна држава.
Директорот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин за новинската агенција ТАСС изјави дека на крајот на јуни разговарал со шефот на американската агенција ЦИА, Вилијам Брнс, за „настаните од 24 јуни“ во Русија.
Кон крајот на јуни, Евгениј Пригожин, шефот на руската платеничка група „Вагнер“, започна бунт против руското воено раководство, а Вашингтон рече дека нема никаква врска со тоа.