Трет ден Вардариште ги труе скопјани: Кандидатите за градоначалници со (не)возможни решенија – граѓаните на протест


Трето утро по ред, жителите на Ново Лисиче, Лисиче и околината се будат под облак од чад кој доаѓа од депонијата Вардариште.

Смрдеа низ населбата се ширеше и ноќеска, а граѓаните спиеја со затворени прозорци. Но, ни утрово  не беше баш паметно да се отворат, затоа што облак чад се ширеше од Вардариште.

На неколку групи на фејсбук граѓани споделуваат видеа и фотографии од секојдневната состојба.

Се договараат протести, кои вчера срамежливо почнаа. Попладнето, кај мостот „Киро Глигоров“ се собраа стотина граѓани кои го изразија својот револт што со години наназад никој не се обиде да го реши проблемот со загадениот воздух во овој дел на Скопје, каде дополнително Вардариште придонесува со огромен процент. Изговорите дека нема надлежност Општина Аеродром, а таа локација е на територија на Општина Гази Баба, а под надлежност на Град Скопје, воопшто нема никакво значење за жителите на населбата, затоа што тие секојдневно вдишуваат отровни и смрдливи гасови. 

  Денеска повторно се повикува на протест на истото место, на крстосницата на булеварите АСНОМ и „Србија“, за да се покаже на политичарите пред локалните избори закажани за октомври, дека огромен дел од оние на чии гласови сметаат, едноставно не се подготвени да го дадат својот глас за некој кандидат за градоначалник, доколку не се понуди брзо, но и трајно решение за проблемот кој стои повеќе од три децении.

Деновиве повторно на Вардариште се собраа тројца актуелни градоначалници. Бобан Стефковски, градоначалникот на Општина Гази Баба, кој ќе трча и по втор мандат вчера објави дека е на Вардариште заедно со инспекција и претставници од Јавното обвинителство, но тоа беше пречка Вардариште да ја труе населбата и синоќа и утрово.

„Во моментов сум на депонијата Вардариште каде што во тек е организирана акција на општина Гази Баба, СВР Скопје, Државен инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство.
Се превземаат активности за откривање на кривични дела на отпадите околу депонијата“, напиша Стефковски на Фејсбук.
 
Дејан Митевски, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, кој се бори за мандат на претстојните избори, објави дека Аеродром е првата општина што поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина, а на негово барање МВР и Јавното обвинителство веќе постапувале. 
 
 
 
Орце Ѓорѓиевски, актиелен градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, како и кандидат за градоначалник на Скопје ветува дека Вардариште ќе стане минато!
 
„ Заедно со колегите Бобан Стефковски и Дејан Митески ја посетивме депонијата Вардариште, вистински извор на зарази и децениска мака на скопјани. Уште од октомври започнуваме со темелен процес за правилен третман на отпадот, целосно чистење и уредување на просторот.
На ова место ќе никне еден од најголемите паркови во Скопје, зелена оаза и новите бели дробови на нашиот град од на 300.000m2“, ветуваше Ѓорѓиевски на 1 септември, ден откако половина Аеродром остана без струја, поради пожар на Вардариште.
 
Неговата противкандидатка од редовите на СДСМ, Каја Шукова, која пак беше и министерка за животна средина и работи во ресорното министерство потсетува дека ваквите најави се нелогични и доаѓаат од човек кој не ја познава материјата. 
 
„Над 150.000 жители од Аеродром и Гази Баба секојдневно се изложени на чад и загадување од Вардариште. ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска четири години го оставија Скопје да се гуши во ѓубре, а Вардариште се претвори во вистински екоцид. Тоа мора веднаш да запре. Потребна е итна интервенција со 24-часовен надзор, целосно оградување на депонијата и забрана за влез за сите освен за вработените од „Комунална хигиена“. Скопје заслужува чист воздух и безбедно опкружување. За Вардариште е потребно системско решение“, вели Шукова. 
 
„ А денес гледаме како нивниот кандидат Ѓоргиевски нуди уште една лажна надеж, парк на најзагадената и технички најкомплицирана локација во главниот град. Со тоа ветување, тој или свесно манипулира со граѓаните, или нема елементарно познавање што зборува.
Вардариште не може да биде парк, од неколку јасни причини:
Во тек е арбитражна постапка во Париз за проектот „Скопски колектор“ што минува токму низ Вардариште и пренамена е невозможна. Уште во 2017 година, со поддршка од ЕУ, изработена е документација која предвидува претоварна станица, а не парк.  И во моментов тече јавна набавка за целиот регионален систем за управување со отпад, секоја политичка интервенција е штетна, незаконска и опасна“, додаде Шукова, која вчера, исто така, одржа прес-конференција од Вардариште.
 
Покрај сите овие силни ветувања, Вардариште ноќеска повторно беше активно. Смрдлив чад го обвитка Лисиче, а истото се повтори и утрово. 
Попладне за 18 часот, по различни групи на социјалните медиуми граѓаните се организираат за протест, а сметаат дека пред избори можат најмногу да издејствуваат некакво решение од надлежните.
 
Утрово, ЦУк информира декапод контрола е ставен пожарот во општина Гази Баба кај депонијата Вардариште, но тоа не значи дека е изгасен. (Б.Б.)