Трескавична трка по законски измени за важењето на возачките дозволи и пасошите

Законски измени се предлагаат од повеќе страни. Собранието попладнево на итна седница ќе расправа за предложените законски измени


Координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Костовски и Никола Мицевски, денеска во Собранието (Фото: Б. Грданоски)

 

Македонија западна во своевидна законска треска како да се изменат некои закони во последен момент за да им се овозможи на граѓаните кои ги немаат сменето возачките и сообраќајните дозволи да може да ги управуваат своите возила откако денеска ќе заврши петгодишниот рок согласно Преспанскиот договор за нивната замена. Овој проблем се надоврза на оној што веќе постоеше со пасошите. Згора на тоа, тука е и проблемот со налепниците „НМК“.

Промената на документите со зборот „Северна“ почна од јуни 2021, но и покрај повиците и апелите на МВР до граѓаните да ги сменат документите најголемиот дел од нив го чекаше последниот момент што создаде екстремна препотовареност на пунктовите за сликање за документите.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, за попладнево закажа пленарна седница на која ќе се разгледува Предлог на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. 

Во интервјуза МИА Митрески најави дека ќе свика итна седница за измени во Законот за безбедност во сообраќај и други закони за да се надмине проблемот со возачките дозволи, односно нивната важност што произлезе од примената на Преспанскиот договор. Во Собранието во текот на денот се одвиваа координации со пратеничките групи и со техничкиот премиер Џафери за да се постигне договор и да се реши проблемот. 

Од повеќе страни се предлагаат законски измени во најкраток можен рок за да се надмине оваа ситуација. Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски на денешната прес-конференција соопшти дека утрово до Владата поднел законски измени на Предлог на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, по скратена постапка. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овие законски измени утрово ги поднесе до архивата на Собранието и барање за свикување на итна седница за оваа прашање со потписи од 20 пратеници.

И пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста, соопшти Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.

„Со измени на законите граѓаните и понатаму да може да ги користат на територијата на државата. Во меѓувреме граѓаните не смее да се казнуваат, никој не смее да биде казнет за учество во сообраќајот. Ова е соодветно решение, возачките се за домашна употреба и мора да важат и понатаму“, рече Каевски.

Пртетседателот на Собранието, Јован Митрески, на денешната координација со пратеничките групи побара парламентот да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор.

И техничкиот премиер Талат Џафери од тетовско Селце најави дека ќе оди денеска во Собранието, и оти ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор. Според најавата на Џафери, можно е некаде да се интервенира со законска измена, а некаде со одлука на Владата.

„Секако дека размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме и соодветна одлука, имајќи предвид дека денеска треба да одам во Собранието поради други обврски. Секако веќе е искоординирано е да имаме заедничка средба, значи со Собранието, со пратениците и евентуални решенија да ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија преку одлука на Влада, она што е соодветно и можност да се спроведе и да се изведе, и да ги согледаме сите можности“, рече Џафери.

Спикерот Митрески најавил оти уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. 

Истовремено, претседателот на Собранието ќе одржува ад хок состаноци со координаторите на пратеничките група со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација, известуваат од законодавниот дом. Митрески побарал од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.

И Демократскиот сојуз предлага преку измена на законите (Закон за лична карта, Закон за патни исправи и Закон за основите на безбедност на патниот сообраќај) да се продолжи рокот на важноста на личните документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), како и сообраќајните дозволи, сѐ со цел да не се блокира нормалното одвивање на животот на граѓаните и функционирањето на институциите.

Амбасадорот на Белгија во Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“ изјави и дека во ЕУ ќе се разговара за проблемот со пасошите.

„Ние ќе имаме состанок на почетокот неделавата што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања  и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање“, изјави Мерис во интервјуто објавено во неделата. 

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, синоќа ги повика парламентарните партии да направат законски измени за да може возачките дозволи со старото уставно име да важат и понатаму во сообраќајниот промет во Македонија. Тој вели дека македонските граѓани биле ставени во „состојба на паника“ по најавите на МВР дека возачките дозволи нема да важат ниту во државата.

На полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во „Службен весник“ во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот. 

МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на Македонија. (Н.В.)