(Галерија) Треска и Вардар се мирни – не се закануваат со поплава во Скопскиот регион


Треска е мирна (Фото: Б. Грданоски)

 

По обилните дождови што зафатија поголем дел од Македонија, денеска реките Треска и Вардар се со нормално зимски водостој. 

Треска е бистра, со нормално течение во мирниот дел, а оној дел каде се одржуваат натревари во кајак на диви води, е разбрануван, но не и опасен.

Река Треска (Фото: Б. Грданоски)

Како што покажуваат фотографиите на нашиот фотограф Борис Грданоски, Треска и Вардар не се закануваат со излевања по теченијата низ градот, Матка, Сарај, се до Лисиче. 

Вардар (Фото: Б. Грданоски)

Единствено, според извештајот на Центарот за управување со кризи до 13.30 часот денеска, Вардар малку се излеал на потегот кај Јурумлери.

Во Скопје, според нивните информации, е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково.

Патеката за кајак на Треска (Фото: Б. Грданоски)

УХМР најавува нови дождови

Управата за хидрометеоролошки работи објави метео аларм за денес во текот на ноќта и утре за кога се најавени врнежи од дожд.

На планините и на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.

Утре претпладне ќе дува засилен повремено силен ветер од јужен, а попладне од северен правец.

 

Сепак, дека има зголемување на нивоата на реките и езерата покажува следната табела на УХМР.

 

 

Според ЦУК,  до 13:30 часот денеска обилните врнежи од дожд предизвикале проблеми во повеќе региони низ државата. Полошкиот, Кумановскиот, Кичевскиот и Скопскиот регион каде се  регистрирани поплави, свлечишта и оштетувања на инфраструктурата. Според ЦУК, во северозападниот дел од земјата евидентиран е поголем број интервенции, а во одредени населени места е извршена и евакуација на жители.

Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта.

Во Тетово е пријавен паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби. Евидентирано е и свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти. Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од село Џепчиште кон село Џермо. Патот е непрооден за цело маало. Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.

Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.

Во Општина Желино, реката Вардар се излеала во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Од ЦУК велат дека поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.

Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции. Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот. Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита. Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.

Вардар во Карпош (Фото: Б. Грданоски)

Од ЦУК соопштуваат дека на подрачјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.

Од вчерашните врнежи во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река. Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.

Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност. Додека, во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.

Во Кичево врнежите престанале и нивото на реките е намалено.

-Состојбата во градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината, соопштуваат од ЦУК. (Б.Б.)