Тренчевска за штрајкот: Двете страни треба да се флексибилни, не може само едната да губи
Штрајкувачите во градинките и во образованието, како и Владата треба да бидат флексибилни, во однос на изнаоѓање решение по повод штрајкот во кој вработените бараат зголемување на платата опд 18, 4 отсто, за да продолжат со работа училиштата и градинките.
– Треба и двете страни да бидат флексибилни. Не може едната страна да губи, а другата да не направи отстапка од барањата, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, при посетата на градинката „Први стапки“ во Карпош, прашана дали понудата од 10 отсто зголемување на платите во граднките е последен предлог на Владата.
Појасни дека Владата во текот на дијалогот го даде предлогот којшто може да го исплати и да не се предизвика никакви ефекти во државата, а тоа е 10 отсто покачување на платите на вработените во образованието и згрижувачите во градинките.
– Вчера на седница на Влада имаше точка во која министерот ја информираше Владата за состојбите во образованието и по дискусија се донесе заклучок министерот за образование, финансии и труд и социјала со ребаланост на Буџетот да обезбедат 10 отсто зголемувањ ена платите. Друг заклучок беше да се достави решението до СОНК и да пристапи кој прекин на штрајокт. Во овој момент најсоодветно решение зголемување на платите за 10 отсто – рече Тренчевска.
Министерката дополни дека за натамошно зголемување на платите е отворен и нов процес за подготовка за нов општ колективен договор во јавниот сектор во кој ќе се вклучува нова методологија која ќе овозможи постојан раст на платите во овој сектор, преку опција на годишно ниво да се усогласуваат со пораст на трошоци на живот и раст на просечната плата
На вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси, повтори министерката Тренчевска. Таа нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.
-Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат, рече Тренчевска.
Таа нагласува дека доколку таа како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси и кривична одговорност.
-Јас како министер мора да го почитувам Законот и мора да го почитувам Колективниот договор. Се друго што ќе биде направено надвор од ЗРО и она што е мое законско овластување ќе биде злоупотреба на службена положба, а со оглед на тоа што е врзано со фискални импликации ќе значи кривична одговорност. Не сакам да се впуштам во нешто што ќе значи кривична одговорност поврзана со моето работење, ниту прекршување на законската регулатива, нагласи министерката.
Штрајкот на вработените во градинките и во образованието почна минатиот понеделник, а членовите на СОНК и вработените во градинките го одбија предлогот на Владата за 10 отсто зголемување на платите.