Тренчевска: Ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за пензиите ќе го дестабилизира пензискиот систем


 ВМРО-ДПМНЕ да не користи популизам кога е во прашање зголемувањето на пензиите, бидејќи нивното ветување ќе го дестабилизира пензискиот систем, порача денеска дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска прашана за коментир на најавата на ВМРО-ДПМНЕ, за линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари. 

– Кога се формираше Владата предводена од СДСМ во 2017 година, наследивме дефицит во системот на пензиско, тоа што државата преку централниот буџет го дава во Фондот за пензиско, беше 48 проценти. Во 2024 година, со домаќинско работење, тој дефицит е намален на 32,5 проценти. Ова говори за стабилност на Фондот, со тенденција тој дефицит да оди многу подолу. Со линеарното зголемување од по пет илјади денари што го најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, според проценките што ги направивме со Фондот претходно, дефицитот за една година ќе се качи на 52 процента. Тоа би значело нестабилност на Фондот и со тек на време, да биде доведена во прашање навремената исплата на пензиите, подвлече дополнителната заменичка во МТСП.

Таа рече дека не треба да се користат вакви, како што нагласи, популистички мерки, што би довеле до дестабилизација, па дури и уништување на системот на пензиско.

– Затоа што не може Фондот за пензиско да генерира толку многу приход, дури и преку намалување на сивата економија, како што најавуваат. Состојбата на пазарот на труд ја знаеме, нема доволно работници за да се вклучат во пазарот на труд, за да може да се зголеми приходот во Фондот. Но, колку и да се зголеми, дефицитот сепак ќе оди многу нагоре, предупреди таа.

Таа ги отфрла тврдењата на техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски дека  на над 2 200 лица незаконски им се исплатени средства за социјална помош и пензија и истакнува дека не се стекнале со право што не го заслужиле.

– Најодговорно информирам дека не постои ниту криминал ниту злоупотреба, ниту пак неодговорно работење на вработените во центрите за социјални работи, истакна Тренчевска. 

Софтверот што се користел, како што рече, бил од 2011 година и била оправдана неопходноста од нов, за подобро работење и подобра услуга и намалување на сите можни злоупотреби.