Тренчевска: Социјалните услуги достапни во местото на живеење на граѓаните


Министерството за труд и социјална политика почна процес на реформирање на социјалната заштита, со цел реализирање на процесите на деинституционализација, децентрализација и плурализација во доставата на социјални услуги, соопшти министерката Јованка Тренчевска на работилницата „Развој на социјални услуги на регионално ниво“, организирана од Скопскиот плански регион и Програмата за развој на ООН.

Како што информира МТСП, целта на денешната работилница, која е седма тематска од вкупно осум организирани во партнерство со сите плански региони, е поттикнување дискусија и размена на искуства за креирање успешни социјални планови на локално ниво.

Таа посочи дека новиот Закон за социјална заштита, во 2019 година, донесе значителни новини на правата на парична помош, и тоа во однос на обемот, видовите, износите и критериумите за остварување на правата, како и првпат воведување и класификација на видовите на социјални услуги, начинот, обемот, процедурите и стандардите за обезбедување на социјалните услуги и обезбедување услови за намалена зависност од институционална заштита.

Притоа, општините добија значително поважна улога за стратешко планирање и обезбедување услуги преку општинските совети за социјална заштита и советите за социјална заштита на планските региони кои се веќе формирани во поголем дел од општините и планските региони.

-Со цел за воспоставување и развојот на социјалните услуги на локално ниво, Министерството за труд и социјална политика реализира „Проект за подобрување на социјалните услуги“ со вкупен расположлив фонд од 10,8 милиони евра за периодот 2020-2024 година, обезбеден преку заем од Светската банка. Проектот се очекува да ја зајакне вклученоста на општините во планирањето, развојот и давањето на социјални услуги на локално ниво, преку лиценцирани даватели на услуги. Досега 18 даватели на социјални услуги добија лиценца/дозволата за работа, од кои 15 даватели на услугата за помош и нега во домот, еден Центар за дневен престој на деца со попреченост, еден за Центар за активно стареење за стари лица и еден за советување. Кај овие даватели на услугите ангажирани се 126 лица, кои даваат директни услугите за 279 корисници, од кои 189 се жени, истакна Тренчевска.

Во 2022 година продолжи финансиската поддршка на новите сервиси, обезбедени од буџетот на МТСП. Склучени се седум управни договори со здруженија и приватни даватели на социјални услуги за давање на социјални услуги (лична асистенција, живеење со поддршка, третман и рехабилитација на лица кои имаат проблем со зависности и услугата за стручна помош и поддршка).

Министерката потенцираше дека во финална фаза е и новата Национална програма за развој на социјалната заштита 2022-2032 година, која содржи цели, приоритети и правци на развој на социјалната заштита, со мерки и активности на среден и долг рок за остварување на правата на парична помош и социјалните услуги, како и продолжување на започнатите процеси на плурализација, деинституционализација и децентрализација.

Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, посочи дека со поддршка на Швајцарската амбасада, УНДП останува посветен партнер на Министерството за труд и социјална политика во активностите за подобрување на квалитетот на живот на сите, а посебно на оние кои се исклучени од општеството поради сиромаштија, родова дискриминација, невработеност и недостиг на образование.

МТСП наведува дека на крајот на април почнаа интензивни консултации во сите осум плански региони во државата со цел поголемо вклучување на локалните самоуправи и регионалните структури во планирањето и испораката на социјалните услуги. Консултациите се реализираат со поддршка на Канцеларијата на УНДП и Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ) преку проектот „Креирање можности за работа за сите – Главна фаза“.