Тренчевска: Постојан раст на платите во образованието и детската заштита


Децата од утре ќе се вратат во училиште и во градинка, откако вчера начелно, беше постигнат договор со СОНК и Владата, за зголемување на платите на вработените во образованието и ви градинките за 12 отсто, а министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, велид ека со новиот колективен договор ќе се обезбеди континуиран раст на платите.

– Вчера, по 3,5 часовен разговор, дијалог со претставниците на СОНК, беше договорено денеска , претседателот на СОНК и одборот ги известат членовите на СОНК и сите оние вработени во образовните институции и во детските градинки коишто штрајкуваат дека е постигнат договор со Владата за 12 отсто покачување на платите со јулската плата, после ребалансот – рече Тренчевка, која беше во посета на мал групен дом за згрижување.

Додаде дека се разговарало и за К-15 којшто ќе се исплаќа во 2023 година и кој ќе биде дел од општиот колективен договор, како и за нова методологија која ќе биде дел од општиот колективен договор, а понатаму ќе се пресликува во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во образованието и во детската заштита.

– Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваат дека ќе вратат на своите работни места, од утре ќе започнат да функционираат и училиштата и детските градинки, нормално. Децата ќе се вратат во училиште, во градинките, а родителите ќе се вратат на своите работни места затоа што со штрајкот и тие мораа да земат годишен одмор, да се снајдат зошто немаше кој да им ги чува децата –  рече Тренчевска.

Денеска пак, договореното се предлага на членството, а по нивното изнјаснување, вечерва се очекува претседателот на СОНК официјално да соопшти дека штрајкот е прекинат, а учениците ќе можат да се вратат на настава од утре. 

Вработените во образованието и и во детските градинки, почнаа со штрајк на 11 април, па веќе две недели се згрижуваа само децата во градинките, додека наставата во училиштата беше прекината. Тие бараа зголемување на платата за 18,4 отсто, согласно скоро донесениот Закон за минимална плата, со што најниската плата изнесува 18.000 денари.