Тренчевска: Мартовската пензија ќе пристигне со зголемување од 8,4 отсто


Како дел од кампањата „Силна и храбра“ на Министерството за труд и социјална политика, која во фокус ги има благосостојбата, менталното здравје и економско зајакнување и благосостојба на жените, денеска се оддржа работилница со пензионерки во Битола насловена „Активно стареење – лозинка за соочување на менталното и физичкото здравје“.

Како што информираат од МТСП, работилницата беше организирана во соработка со Сојузот на пензионери – Битола.

Пред почетокот на работилницата присутните пензионерки ги поздравија министерките за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, кои се заблагодарија на денешното присуство и уште еднаш потенцираа дека мерките што ги спроведува Владата се насочени кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани. Во оваа прилика, министерката Тренчевска ги информираше пензионерките дека мартовската пензија ќе пристигне со покачување од 8.4 проценти.

Работилницата ја отвори професорката Софија Арнаудова, која со интерактивен пристап и вклученост на сите, работеше на темата среќа и што ги прави среќни секоја од нив. Ова беше вистинска можност присутните пензионерки да ги споделат своите лични согледувања и животни искуства.

На тема надеж, што значи да се има надеж и како со поддршка може да се даде надеж на некого, зборуваше Весна Рох, психолог од Заводот за ментално здравје на деца и младинци – Младост од Здравствениот дом – Скопје.

– На работилницата се разговараше за патот на надежта, нејзиното потекло и нејзиниот пат кон иднината и нејзиното развивање. Менталното здравје е клучно за благосостојбата и квалитетот на животот на секоја единка, оттука и неопходноста за подигање на свеста за неговото значење. Активното стареење е клуч за квалитетно ментално и физичко здравје. Тоа го потврдија и присутните пензионерки кои во своите зрели години се сеуште активни и уживаат во тоа што го прават, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.