Треба да се открие како влегол мазутот во државата, вели Заев


Премиерот Зоран Заев вели дека треба да се бара како влегол неквалитетен мазут во државата и да се побара одговорност. Според него, сулфурот во мазутот не бил проблем затоа што е во рамките на параметрите (еден процент), но проблем е поголемото количество на вода кое е дојдено до четири проценти и поголемо количество пепел во самите количини. Заев го изјави ова  одговарајќи на пратеничко прашање од Зоран Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев информира дека се изготвуваат решенија за забрана на вршење на дејност на две или три компании во кои не е најден вишок на сулфур, но е најден вишок на вода заради кондензација и пепел што е надвор од стандардите.

„Согласно тоа ќе има решение за забрана на вршење на дејност за тие компании, но истовремено при самите контроли се увидени нови недостатоци, како што се недржење на неопходните залихи од најмалку пет проценти како основ за добивање на дозвола за увоз на нафта, соодветно на тоа ќе дадат предлог за одземање на лиценца до Регулаторната комисија“, рече Заев.

Тој побара сите институции задолжени од Владата да постапат и целосно да го истражат случајот поврзан со сомневања за увозот на нафтени деривати опасни по здравјето на граѓаните и животната средина.