Транспаренси: Локалната власт има големи дискрециони овластувања


Големите дискрециони овластувања на локалната власт, недостигот на добро формулирани законски одреби, судир на законските одредби, различното толкување на законските норми, но и честото менување на законите создаваат ризик од зголемување на корупцијата, стои во извештајот на  Транспаренси Интернешанл Македонија за надминување на ризиците од корупција во јавните институции.

Извештајот е изготвен во периодот од април до јуни во рамки на нивниот проект „Проценка на ранливоста од корупција во државните институции и локални власти за просторно планирање, урбанизам и градежништво”. Истражувањето покажа дека интересот на институциите за исполнување на препораките е сѐ уште на ниско ниво, но дека постои зголемена активност на локалната и извршната власт со цел тие да се имплементираат.

Преку состаноци со претставници на локалната власт, ДКСК и Министерството за транспорт и врски беа констатирани почетни точки за надминување на ризиците од корупција во областите:  Воспоставување комуникација и соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, ДКСК, Транспаренси Интернешенел – Македонија, Агенцијата за просторно планирање преку директни состаноци, назначување на лица за комуникација и одговорни за прибирање на информации, вклучување на општините и обврска за следење на напредокот во исполнување на препораките, како и повеќе обуки за општините во однос на промените на законите, и извештаите активно да се користат во на антикоруциската проверка на легислативата (АПЛ) и редовно да се доставуваат до ресорните министерства и до Владата, информираат од Транспаренси Интернешанл – Македонија.

Во оваа насока потребна е зајакната соработка и координираност помеѓу Министерството за транспорт и врски, локалната власт, Заедницата на единиците на локалната самоуправа и Државната комисија за спречување на корупција за надминување на ризиците од корупција и усогласено изнаоѓање на решенија за спроведување на препораките. Транспаренси Интернешанл Македонија останува отворена за поддршка и соработка со институциите во насока на надминување на ризиците од корупција во овие области, стои во соопштението.