“Транспаренси“ ќе „снима“ како се спроведуваат уредбите и како се трошат донациите


„Транспаренси Интернешнел“ за Македонија посочи денес на неколку уредби на владата кои во себе содржат ризик од корупција, што ќе се има во предвид при натамошно следење на нивното спроведување преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.

-Укажуваме и бараме од сите надлежни органи и институции навреме самите да објавуваат редовни и ажурирани информации за постапувањата во врска со овие уредби, да се изготвуваат редовни извештаи кои ќе бидат објавени на веб страната на Владата и на надлежните органи. Исто така бараме Владата да обезбеди навремено постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер, затоа што во овој период истото се одвива со големи задоцнувања.

Дополнитено, а во интерес на градење на доверба од граѓаните во однос на располагање со буџетот и другата финансиска и нефинансиска помош добиена во услови на оваа вонредна состојба, бараме Владата претходно да ги објавува политиките за прераспределба на буџетски средства како износот, количината и распределбата и сите донации кои се добиени од било кој извор.

Уредби со законска сила кои содржат ризик од корупција се:

-Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на наслението од заразни болести во време на вонредна состојба, поради договорите со хотелите за државен карантин спроведени без јавен повик на Владата. Трошоците за превоз на лицата од граничните премини и од Аеродромот Скопје до објектите на државен карантин исто така без објавување на јавен оглас.

– Уредба со законска сила за јавно обвинителски службеници, истражителите и другите вработени во јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.Оваа Уредба заслужува внимание од аспект на итноста за нејзино донесување и легитимитетот на оваа Владата да го уреди ова прашање во услови на прогласена вонредна состојба и распуштен Парламент.

– Уредба за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба – предност при изборот им се дава на оние понудувачи кои најбрзо ќе достават респираторни машини кои ја исполнуваа спецификацијата.

– Уредба  за примена на законот за внтрешни работи за време на вонредна состојба согласно која полицајците – приправници по истек на приправничкиот стаж се смета дека го положиле посебниот односно приправничкиот испит и истите се распоредуваат на работно место „полицаец“ во МВР.Се поставува прашањето дали и во каков облик полицајците-приправници во иднина ќе го полагаат овој испит за да го задржат работното место.