Трансферот на предметите – спасувачка гума за СЈО
Сите предмети на СЈО, според вчерашните последни неофицијални информации, ќе преминат во посед на Државното јавно обвинителство предводено од Љубомир Јовески, откако тоа го побара специјалната обвинителка Катица Јанева, која се наоаѓа во притвор како осомничена во случајот „Рекет“. Тимот на СЈО вчера чекаше обвинителот Јовески официјално да го означи стартот на трансферот на комплетната документација за случаите кои произлегоа од незаконско прислушуваните материјали.
Ваквиот неочекуван развој на настаните во политичко-правните кругови се толкува како изнуден маневар во пет до дванаесет со кој ќе се превенира евентуалниот крах на политичките преговори за законот за јавно обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО.
Опасност по судбината на предметите на СЈО постои и во сѐ уште можниот политичкиот дил за новото законско решение кое би одело на линија на целосно или делумно одбегнување на кривичната одговорност. На таков политички дебакл со кој би се егзекутирало владењето на правото во земјава индиректно предупреди и специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која вчера беше во судница за случајот „Монструм“.
„Не е битно дали ќе гони Фатиме, Вилма или некоја трета Костадинка, но е битно тој што се огрешил пред законот да се соочи со последиците од дејствијата што ги има преземено. Каква и да е крајната одлука која што ќе биде донесена во однос на судбината на предметите на СЈО, најважно е тие да продолжат, без разлика кој ќе ги застапува“, изјави Фетаи пред Кривичниот суд.
Трансферот на предметите од СЈО во Државното јавно обвинителство, според неа, е подобра солуција отколку фалш законско решение креирано по желбите на одредени политичари.
„Независно од тоа дали ќе биде одлуката дека ние ќе продолжиме да ги застапуваме тие предмети или други обвинители, таа одлука е подобра од кое било друго решение што го посакуваат одредени политичари во моментот, а тоа е преку вешто искористување на правни празнини и злоупотреба на нивната политичка моќ да дојдат до решение што ќе значи целосно или делумно одбегнување на кривичната одговорност“, изјави Фетаи.
Заев: Барањето на Јанева е логично
Додека се чека на официјалната одлука на Јавното обвинителство, премиерот Зоран Заев вели дека барањето на Јанева е логична постапка, која, како што нагласува, произлегува и од разговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што сум информиран од работните групи, тоа е и логично решение кое и во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ го имаме, но е логично решение и во сите околности. Посакуваното решение е да се постигне договор, а во самиот договор е предвидено предметите да поминат кај државниот обвинител. И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство. Правото на специјалниот јавен обвинител е опишано во законот и законски е дозволива одлуката на специјалниот јавен обвинител да ги предаде“, вели Заев.
Тој немал контакт со Јанева за да праша зошто така постапила, но она што е очигледно е наближувањето на 15 септември кога завршува нејзиниот мандат и функцијата не може да ја пренесе на заменик или на избор на некој друг. „Веројатно заради безбедноста на сите индиции, материјали што таму се обезбедени, така што не веруваме дека ќе влијае на преговарачкиот процес“, рече Заев, кој очекува исчекор во преговорите и конечен договор на почетокот на наредната недела.
Дел од обвинителите во СЈО велат дека нема да ги предадат своите предмети кои ги застапуваат и за што се ополномоштени од страна на Катица Јанева, сѐ додека така не каже обвинителот Љубомир Јовески.
Јовески во „правниот конзилиум“ кај Дескоска
Пред да пресече, Јовески вчера беше на средбата на работната група за законот за јавното обвинителство во министерството за правда. Министерката Рената Треневска-Дескоска, на Фејсбук објави фотографии над кои напиша „Консултации за законот за јавното обвинителство на работната група“.
На средбата покрај Дескоска и Јовески присуствуваа академик Владо Камбовски, обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска, универзитетскиот професор Гордан Кајалџиев и уште неколкумина други. По завршувањето на средбата немаше изјави, па остана нејасно за што точно разговарал „правниот конзилиум“.
Министерката Дескоска ден претходно по потегот на Јанева истакна дека ќе се направат консултации за тоа какво влијание ќе има нејзината наредба на одредени одредби во законот.
За опозицијата писмото на Јанева за префрлање на предметите од СЈО во Јавното обвинителство е студен туш, иако водечките партиски функционери постојано повторуваат дека предметите на СЈО треба да се префрлат во Државното јавно обвинителство, но не и истрагите кои беа објавени по 30 јуни 2017 година.
Во таа поширока група спаѓаат „Талир“ – за незаконско финасирање на партијата, „Империја“ – за перење пари, предмет кој е основа за аферата „Рекет“, потоа истрагите кои беа отворени за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пропаднатиот попис, или пак предметот „Пациент“ во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, случајот „Хармонија“ во кој е осомничен екс-градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, потоа истрагата за поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески осомничен во предметот „Подарок“, како и други случаи кои се во истрага и предистражна постапка во кои се осомничени Жарко Луковски, директор на Т-мобиле, пратеникот Антонијо Милошоски и други.
ВМРО-ДПМНЕ: Власта и СЈО се кординирани
ВМРО-ДПМНЕ потегот на Јанева го оценува како преседан во македонскиот правосуден систем и доказ, како што велат, за координираноста помеѓу власта и СЈО. Според нив Јанева е во притвор и правата, односно надлежностите кои што ги има како јавен обвинител ѝ се суспендирани.
Сепак и по писмото на Јанева опозицијата не ја исклучува можноста на крајот да падне договор за законот за Јавно обвинителство. „Работните групи работат интензивно, ние имаме наши позиции СДСМ имаат нивни позиции. Постои џентлменски договор помеѓу двете работни групи да не излегуваат своја изјави во јавност сѐ до оној момент додека немаат конечен исход. Ние се надеваме дека ќе бидат испочитувани нашите аргументи кои се во рамките на Уставот и на постојните законски прописи и дека ќе има законско решение кое што нема во иднина да создава проблеми туку ќе носи решенија за борба против криминал и корупција“, изјави потпретседателот Александар Николоски.
Доколку нема договор, додава тој, за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да се почитува законот за специјалното јавно обвинителство, кој што, како што рече, е многу јасен.
„Законот за различни работи предвидува различна работа. Доколку е разрешена обвинителката значи дека е разрешена. Доколку не е, тоа е веќе друга ситуација, но значи да се почитува законот ваков каков што е сега“, рече Николоски. (Н.К.)