Трамп заостанува зад Бајден во трите клучни држави на Среден запад


Без победа во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин не може да се влезе во белата куќа: Џо Бајден (Фото: Ројтерс)

Њујорк – Републиканскиот претседател Доналд Трамп заостанува зад демократот Џо Бајден меѓу регистрираните гласачи во три држави на бојното поле на Средниот запад, кои тој тесно ги освои  во 2016 година и се сметаат за круцијални за победа на изборите во ноември, според истражувањето на јавното мислење на Ипсос, спроведено исклучиво за Ројтерс.

Анкетата, која траеше од 15-20 април во Мичиген, Висконсин и Пенсилванија, покажа дека 45 отсто од регистрираните гласачи рекоа дека ќе го поддржат Бајден, претпоставениот демократски кандидат, додека 39 проценти изјавиле дека ќе го поддржат Трамп.

Анкетата за Ипсос покажува дека Бајден го задржал или малку го подобрил водството над Трамп во тие држави во изминатите неколку месеци, иако неговата кампања и претседателските примарни избори останаа на маргините поради пандемијата на корона вирус. Соединетите Држави имаат најмногу потврдени случаи и починати во светот со најмалку 821.000 луѓе заразени и најмалку 46.000 смртни случаи.

Предноста на Бајден во Мичиген, Висконсин и Пенсилванија во однос на Трамп во просек беше 3 до 4 процентни поени во февруари и март, според резултатите од анкетите објавени на агрегаторот Real Clear Politics.

Тоа, исто така, сугерира дека Трамп не доживеа подем во поддршката на Средниот Запад, иако тој го презеде вниманието на јавноста застанувајќи на чело на федералната реакција на кризата со корона вирус и се обиде да се претстави како „воен претседател“, борејќи се со невидлив непријател.

Посебна анкета на Ројтерс/Ипсос откри во вторникот дека Бајден има предност од 8 процентни поени над Трамп на национално ниво, бидејќи поддршката за него се искачи на национално ниво во секоја од последните три недели додека расте неодобрувањето на одговорот на Трамп на пандемијата.

Секако, сè може да се случи во наредните месеци пред изборите на 3 ноември. Националните анкети во 2016 година покажаа дека демократот Хилари Клинтон уживаше широка предност пред Трамп во почетокот на изборниот циклус во истите овие средно-западни држави пред таа да ги загуби од Трамп на денот на изборите, секоја од нив за помалку од еден процентен поен.

Трамп сè уште е малку попопуларен на Средниот запад отколку што е на национално ниво, делумно благодарение на неговиот пристпа кон гласачите работници.

Сепак, бројот на регистрирани гласачи кои не го одобруваат Трамп, ги надминува оние кои го одобруваат него во сите три држави, се наведува во истражувањето на Ипсос. Во Висконсин, 47 отсто од регистрираните гласачи го одобруваат претседателот, додека 53 отсто не го одобруваат. Во Пенсилванија, 48 отсто го одобруваат и 52 не го одобруваат, а во Мичиген 44 проценти го одобруваат и 56 отсто не го одобруваат.

Анкетата на Ипсос беше спроведена преку интернет со 612 регистрирани гласачи во Мичиген, 578 во Пенсилванија и 645 во Висконсин. Има граница на грешка од плус или минус 3 процентни поени за целиот регион и 5 поени за секоја држава. (Ројтерс)