Трамп забрани соработка со сопствениците на ТикТок

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба со која се забрануваат какви било трансакции со сопствениците на кинеските компании кои ги поседуваат апликациите ТикТок и WeChat, а таа ќе стапи на сила за 45 дена.

Наредбите дојдоа во моментот додека администрацијата на Трамп тврди дека ги засилува напорите за чистење на „несигурните“ кинески апликации од американските дигитални мрежи.

Белата куќа ја гледа апликацијата за кратки видео записи ТикТок и апликацијата за пораки WeChat како „значајни закани“.

Апликацијата ТикТо“, во сопственост на „ByteDance“, би можела да се користи во кампањи за дезинформации од кои може да има корист Кинеската комунистичка партија, така што САД „мора да преземат агресивно дејствување против нејзините сопственици за да ја заштитат националната безбедност“, вели Трамп во една од наредбите.

Во втората наредба, Трамп тврди дека WeChat, кој е во сопственост на Tencent, „автоматски складира огромни количини податоци за своите корисници и тоа може да ѝ овозможи на Комунистичката партија на Кина да има пристап до личните и податоците за сопственост на Американците“.

Во пракса, наредбата ќе го забрани WeChat во САД за 45 дена.

Трамп претходно оваа недела изјави дека ќе ја поддржи продажбата на операциите на ТикТок во САД на „Мајкрософт“ доколку американската влада добие „значаен дел“ од продажбата, но исто така предупреди дека ќе ја забрани услугата во Соединетите држави на 15 септември.

Американскиот Сенат во четвртокот гласаше за забрана за употреба на ТикТок на официјалните телефони на федералните службеници.