Трамп: Воведуваме реципрочни царини

Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави дека воведува реципрочни царини во трговската политика на САД.
Во превод, тоа значи дека Америка ќе ја наплаќа истата тарифа што ја наплаќаат другите земји на Америка. Она што Трамп го кажа за земјите кои го користат системот за ДДВ, е особено интересно.
On Trade, I have decided, for purposes of Fairness, that I will charge a RECIPROCAL Tariff meaning, whatever Countries charge the United States of America, we will charge them – No more, no less!
For purposes of this United States Policy, we will consider Countries that use the…
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) February 17, 2025
„За целите на оваа политика на САД, земјите кои користат систем за ДДВ, кој е многу порепресивен од царините, ќе се сметаат за слични на царинскиот систем“, рече Трамп.
Тој предупреди и дека нема да се дозволи пренасочување на стоки преку трети земји со цел, како што вели, нанесување штета на американската економија.
Дополнително, новата политика ќе вклучува контрамерки за странски субвенции кои поединечни земји ги користат за да добијат, како што вели Трамп, неправедна економска предност во однос на САД.
„Ниту една земја не може да се жали“
Трамп нагласи дека ќе се решат и нетарифните трговски бариери, како што се административните пречки кои ги спречуваат американските компании да прават бизнис на странските пазари.
„Таков систем ќе обезбеди правичност и просперитет во претходно сложениот и нефер трговски режим“, нагласи Трамп, додавајќи дека САД историски им помагале на многу земји по големи финансиски трошоци, но сега очекуваат фер третман и еднакви услови за американските работници.
Тој ги задолжи државниот секретар, секретарот за трговија, секретарот за финансии и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) да ја спроведат новата трговска политика, се вели во соопштението на Трамп.
„Ова е фер кон сите. Ниту една земја не може да се жали, а ако мислат дека тарифите се превисоки, сè што треба да направат е да ги намалат или укинат царините за нас“, заклучи Трамп, нагласувајќи дека нема да има царини за производите произведени во САД.