Трамп во целосен пресврт – сега ги повикува Американците да носат маски


Американскиот претседател долго време одбиваше да носи ваква заштита од корона вирус, а пред само неколку недели го исмеваше Џо Бајден за тоа

 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот ги повика Американците да носат маски за да спречат ширење на корона вирус, што е целосен пресврт на неговото првично отфрлање за покривање на лицето.

За време на интервјуто, Кетрин Хериџ на Си-би-ес, го праша претседателот дали треба да има федерален мандат за носење маски или дали треба да им се остави на гувернерите да одлучат. Трамп одговори дека гувернерите одат според упатствата утврдени од страна на американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и „тоа е добро“.

На прашањето дали ќе ги поттикне Американците да носат маски, Трамп одговори: „Ако е потребно, би ги повикал да носат маска и јас би рекол следете ги упатствата“.

ЦДЦ препорачува луѓето да носат маски на јавни места, а директорот на агенцијата, Роберт Редфилд, го повика Трамп да носи исто така и да даде пример за остатокот од земјата. Редфилд рече дека појавата на корона вирусот може да биде ставена под контрола доколку сите носат маски во јавноста четири до осум недели.

Кругот на Трамп рутински се тестира за корона вирус, а посетителите и персоналот во Белата куќа честопати се гледаат како носат маски. Редфилд рече дека тие фактори може да му овозможат на Трамп да се оправда да не носи маска, но дека претседателот сепак треба да придонесе за да ги охрабри другите да го следат.

Трамп долго време одбиваше да носи маска, дури и го исмеваше својот демократски претседателски ривал Џо Бајден што носеше за време на церемонијата на Денот на сеќавањето. На прашањето во април дали ќе носи прекривка за лице, тој одговори: „Носејќи маска за лице додека ги поздравувам претседателите, премиерите, диктаторите, кралевите, кралиците – едноставно не го гледам тоа“.

Но, како што растеше поддршката за носење маски меѓу неговите противници и приврзаници, Трамп конечно го смени ставот и носеше маска за време на посетата на Националниот медицински центар „Валтер Рид“ во саботата.

Претседателот, исто така, за време на интервјуто за Фокс бизнис изјави пред две недели: „Мислам дека маските се добри“. (Политико)