Трамп тврди дека Германија должи милијарди на НАТО


Американскиот претседател Доналд Трамп го критикува својот сојузник во Европа, Германија, поради наводни долгови кон НАТО и за Северен тек 2, пренесуваат германските медиуми.

Трамп повтори дека има намера да повлече 10.000 американски војници од Германија.

– Од Германија веќе со години недостигаат уплати и таа должи милијарди долари на НАТО и тоа мора да го платат, порача Трамп на состанокот во Белата куќа.

Тој посочи дека Соединетите Американски Држави постојано ги надоместуваат парите кои недостигаат од Германија.

Според него, Германија „ги завлекува САД, како во трговијата, така и во НАТО“.

Трамп и претходно во повеќе наврати рече дека Германија одбива да ги зголеми трошоците за одбрана, со цел да ја постигне целта на НАТО од 2 отсто од БДП.

Имено, целта на сите сојузници на НАТО е да издвојат најмалку два процента од БДП за одбрана до 2024 година, а Германија, иако ги зголеми своите трошоци во оваа област, минатата година беше на 1,38 проценти од БДП.

Според германските медиуми, Трамп тоа не сака повеќе да го прифати и одлучил да го намали бројот на американски војници во Германија на 25.000.

Трамп исто така ја критикуваше Германија и поради Северен тек 2.

– Зошто Германија плаќа на Русија милијарди долари за енергија? И тогаш треба да ја заштитиме Германија од Русија? Како може тоа да функционира? Тоа не може да функционира, рече Трамп.

САД сакаат да ја спречат изградбата на Северен тек 2 и воведоа санкции кон крајот на минатата година.